Сите завршени и тековни студенти и постипломци кои со државни пари студирале или студираат во странство, ќе мора да се пријават во Министерството за образование и наука и за првпат да се регистрираат на посебен дигитален регистар што државата го воведува годинава, најави министерката за образование Весна Јаневска.
Со регистерот државата ќе има увид врз статусот на стипендистите, дали ги завршиле студиите, се вратиле во државата или не, нашле ли вработување. Но, и да ги поврзе со научните установи во државата и стопанските комори за да можат полесно да најдат вработување зашто по завршувањето на студиите мора да го исполнат условот да работат во матичната држава двојно повеќе време отколку што студирале.
Конкурсите за стипендирање на студентите во странство за академската 2025/2026 година се веќе објавени на страницата на ресорното Министерство, а министерката Јаневска најави дека напревани се одредени модификации на условите. Државата за студирањето на најдобрите 100 универзитети според Шангајската листа плаќа до 40.000 американски долари само упис, а дополнително ги плаќа и трошоците за живот, сместување и превоз на студентите.
„Голема е промената што ја правиме во договорите во однос на претходните. Тогаш стипендистите имале обврска по враќањето во државата да престојуваат 6 месеци и доколку не бидат вработени, тие се слободни. Сега ако на студентот не му биде понуден соодветен работен ангажман во рок од 6 месеци, не му прстанува обврската да работи во државата. Ако студентот во рок од 3 месеци по дипломирањето се вработи во некоја компанија во странство тогаш надвор може да остане најмногу до 3 години со цел сткнување на меѓународно корпоративно искуство, по што почнува да му тече обврската да работи во својата држава. Доколку одлучи да не се врати во државата, ќе мора да ги врати средствата колку што Министерството му исплатило и тоа најдоцна до 2 години од завршувањето на студиите . Во минатото се бараше враќање на десет кратно поголем износ што беше неприменливо“, рече Јаневска.
Новите улови ќе важат со договорите што ќе се потпишат годинава. Околу 50 проценти од 400 студенти кои досега ги стипендирала државата вратени се во Македпонија и сите работат во приватни компании. Министерката рече дека сакаат да воспостават процес тие да се вклучат и во научно- истражувачки цели и на универзитетите во државата. На регистарот, дипломираните, магистрирани или докторирани кадри ќе имаат можност да одберат дали профилот ќе им биде видлив за јавноста што пак ќе им овозможи полесно вмрежување со други експерти, универзитети или компании.
Ж.ЗДРАВКОВСКА