Заврши истрагата против Јахи Јахиа, поранешниот државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, осомничен дека зел мито од италијанска фирма на која ѝ оддал доверливи податоци за да победи на тендер. Јавната набавка била со средства од ИПА фондовите на ЕУ.
Оваа истрага ја води обвинителката за организиран криминал и корупција Маја Коневска.
Вредноста на тендерот е милион и двесте илјади евра. Според регулативата на Европската унија, во државата која е корисник на средства од овие фондови, ако се открие злоупотреба со нив, треба да ги врати сите средства, до евро, колку што бил грантот.
Потоа државата треба овие средства да ги бара од осудените лица, се разбира ако ги осуди судот.
„За овој случај италијанските власти водат истрага за фирмата која го добила тендерот во Македонија на незаконит начин. Важно е дека ни ги доставија доказите што ни беа потребни за нашата истрага против поранешниот државен секретар и уште едно раководно лице, кои зеле поткуп и ја информирале италијанската фирма со доверливи податоци како да стекне предност и да го добие тендерот платен од ИПА средствата. Овој случај е пред обвинение“, ни изјави шефицата на ОЈО за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.
Јахи Јахиа и неговиот колега, поранешен раководител, беа апсени во мај 2019 година, кога беше извршен и претрес во Министерството. Рокот за водење на истрагатa бил продолжуван неколку пати со дозвола на Вишото и на Републичкото обвинителство, зашто се чекале доказите од италијанските обвинители за овие злоупотреби.
Сопственикот на италијанската фирма кој на ваков начин го добил тендерот, беше уапсен во неговата земја.
Според тогашното заедничко соопштение на македонското и италијанското обвинителство за организиран криминал, осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанска фирма, преку посредници – италијански државјанин (советник во фирмата) и англиски државјанин (деловен партнер на англиска фирма со подружница во Скопје), примиле подарок – патување во странство во три наврати. Јахиа и колегата биле почестени со 3 патувања во вкупна вредност од 7.000 евра.
Патувањата биле за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат, беше наведено во соопштението. Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите на тендерот, на италијанската фирма – апликант ѝ овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка, иако знаеле дека е противзаконска, осомничените го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на италијанската фирма ѝ овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.
„Во текот на 2016 година, во периодот кога во МИОА веќе почнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие, првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од фирмата-добитник на тендерот, примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износ од 2.500 евра“, се наведува во соопштението.
Првоосомничениот Јахиа во 2005 година бил гонет и за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице, кое примило помало мито, не се наоѓа во Македонија.
Акцијата беше со поддршка на Европската служба за спречување измама ОЛАФ и ЕУРОПРАВДА, преку обвинителот за врски Ленче Ристоска.
С. К. ДЕЛЕВСКА