ДРЖАВАТА САМА БЕЗ ПОСРЕДНИЦИ ЌЕ ГИ НАБАВУВА ВАКЦИНИТЕ

    ДРЖАВАТА САМА БЕЗ ПОСРЕДНИЦИ ЌЕ ГИ НАБАВУВА ВАКЦИНИТЕМинистерот за здравство Венко Филипче кажа дека денеска го потпишал договорот за набавка на кинеската вакцина од производителот „Синофарм“. (Фото: СДК.МК)

    Сите вакцини против ковид-19, вклучувајќи ги и 200-те илјади од кинеската „Синофарм“, како и оние со директна спогодба со „Фајзер“ и оние од ковакс-механизмот, од кои првата пратка ќе биде од „АстраЗенека“, ќе бидат набавени без посредници, односно државата сама ќе ги набавува. 

    Во сите договори за набавка на овие вакцини од три извори, на барање на производителите има клаузула за доверливост, велат од Министерството за здравство, и затоа државата сама ќе ги спроведува набавките, без домашни компании како посредници.

    Во Собранието минатата недела беа усвоени законските измени со кои се овозможува одобрение за пуштање во промет на вакцини без производителот да има претставништво во земјава, како одобрување без целосна документација.

    Министерот за здравство Венко Филипче кажа дека денеска го потпишал договорот за набавка на кинеската вакцина од производителот „Синофарм“. 

    „Обезбедуваме 200 илјади вакцини кои ќе стигнат во февруари, а точниот датум на испораката ќе биде утврден во следните денови. Ја почитуваме одредбата од договорот за тајност, податоците остануваат доверливи. Направивме детален план за процесот на вакцинација во три фази. Сите вакцини се безбедни и сигурни за граѓаните. Со имунизацијата почнуваме овој месец“, напиша Филипче на Фејсбук.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира