Одбележувањето на 35 години независност на Македонија чинело над 300 милиони денари (5 милиони евра), а најголемиот дел од парите ги обезбедила Државна лотарија преку нераспределената добивка за 2024 година, соопштија Владата, Државна лотарија и „Авалон“ на заедничката прес-конференција, два дена по завршниот настан од прославата, концертот на Дејвид Гета во Скопје. Портпаролката на Владата, Марија Митева, нагласи дека за прославата не бил потрошен ниту денар од државниот буџет, туку 300 милиони денари дала Државна лотарија, а уште 40 милиони денари дошле од општествено одговорни компании.
„За реализацијата на сите настани од прославата не се потрошени средства од буџетот. Трошокот за овие настани не го сносат граѓаните и тоа лесно може да се провери“, изјави Митева.
Таа кажа дека на 167. седница на Владата, одржана на 28 април 2026, бил донесен заклучок со кој се утврдија конкретните активности што треба да се реализираат во рамките на прославата на 35 години независност. Меѓу другото, било предвидено ангажирање на светски артист од А-класа кој со своите име и квалитет гарантира минимум 30.000 посетители.
„Со истиот заклучок беше укажано Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните, како и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани. Јавниот повик беше објавен на 4 мај“, рече Митева.
На јавниот повик била доставена само една понуда, од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, субјект преку кој настапува „Авалон интернешнал букинг“.
Директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, истакна дека обезбедените 300 милиони денари се пари на компанијата.
„Државна лотарија како компанија е посебен правен субјект, издвоен од субјективитетот на Владата, која е основач на компанијата. Значи, тие пари не се буџетски пари. Тие стануваат буџетски кога таа нераспределена добивка ќе се уплати во трезорската сметка“, појасни Климовски.
Тој додаде дека немале обврска, но, сепак, распишале јавен оглас за избор на организатор на настаните. За таа цел била формирана и експертска комисија за разгледување на понудите, чии членови биле Николче Мицевски, Дејан Димитров-Каро и Зоран Костадиновски.
„Не можеме ние на кого било да префрлиме пет милиони евра за да организираме нешто. Ни требаше реномирана компанија, реномирана агенција, која има бекграунд, искуство и подизведувачи, која ќе може да одговори на ваков тип на организација. На јавниот повик, кој траеше пет дена, беше доставена само една понуда“, кажа Климовски.
Колкави хонорари добиле Дејвид Гета, Хозе Карерас и македонските музичари, не беше обелоденето.
Сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, го спореди концертот на Дејвид Гета во Скопје со одржување на Формула 1 трка во Стајковци, а за настапот на Карерас кажа дека е најголемата победа за Македонија по победата на кошаркарите против Литванија на Европското првенство.
„Црна Гора ја славеше својата независност со Рики Мартин, Дино Мерлин и Жељко Јоксимовиќ. Крај на приказната. Ова што ние го имавме во Скопје со Дејвид Гета го имаше само уште во неколку европски града оваа година“, кажа Милошески.
Г. КОНЕВ



