Матурантите ќе полагаат државна матура на 27 мај и 10 јуни, објави Државниот испитен центар (ДИЦ). На 27 мај ќе се полагаат македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, а на 10 јуни математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика.
Во нашата редакција се јавија повеќе родители во недоумица дали на матурантите ќе им биде скратен материјалот за учење, со оглед на тоа дека учениците изминатите месеци изгубија доста часови поради лажните дојави за бомби, како и поради продолжениот зимски распуст. Второто полугодие од наставната 2022/2023 наместо на 18, почна на 23 јануари. Учебната година ќе заврши на 14, наместо на 9 јуни 2023.
Директорот на скопската Гимназија „Орце Николов“ Митко Димовски ни изјави дека засега се известени за термините за полагање и дека до 15 февруари треба да ги верификуваат документите за полагања. Ако има измени во материјалот, ќе бидат информирани и учениците и родителите.
САКАМДАКАЖАМ.МК, ѕвонеше на двата телефонски броеви објавени на страната на ДИЦ, но беа исклучени, а не добивме одговор ни на прашањата преку е-пошта, дали се размислува да се намали материјалот за учење за државната матура.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири смета дека целосно ќе се реализира наставната програмата и целосно ќе се реализира сѐ што е предвидено во датумите за државната матура и во делот за предвидените испити од матурата.
Шаќири на 26 јануари, одговарајќи на пратеничко прашање на Бети Стаменкоска-Трајкоска од ВМРО-ДПМНЕ на седницата на пратенички прашања, потсети на правото на образование и на законите за основно образование и за средно образование.
Шаќири кажа дека се направени анализи од Секторот за основно образование, образложувајќи дека во Законот за основно образование точно се предвидува колку работни денови треба да се работи во една учебна година, додека во Законот за средно образование, како што рече, не е предвидено точно колку учебни денови треба да има една учебна година.
Б. НЕСТОРОСКА