Државниот просветен инспекторат утре ќе проверува дали имало верско организирање и дејствување во училиштата, соопшти Министерството за образование и наука. За настаните на Бадник, односно на шести овој месец, кога групи деца учествуваа во верски манифестации во повеќе градови низ Македонија, Министерството за образование и наука вели дека тоа се случува во период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време.
„Заради расчистување на какво било сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата. Вршење инспекциски надзор од Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до девети јануари“, велат од Министерството за образование.
Од Министерството за образование и наука велат дека од нив не била побарана, ниту пак Министерството дало согласност за какви било активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манифестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.
„Укажуваме дека на граѓаните им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповед, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата. Но, во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување. Наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата, утврдена од Министерството“, велат од Министерството за образование.