ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО ЈАХИ ЈАХИЈА И КОЛЕГА ЗЕЛЕ МИТО ОД ПЕДЕСЕТИНА ИЛЈАДИ ЕВРА ШТО ОДДАЛЕ ТАЈНИ ПОДАТОЦИ ЗА ТЕНДЕР НА ИТАЛИЈАНСКА ФИРМА

    ДРЖАВНИОТ СЕКРЕТАР ЗА ИНФОРМАТИЧКО ОПШТЕСТВО ЈАХИ ЈАХИЈА И КОЛЕГА ЗЕЛЕ МИТО ОД ПЕДЕСЕТИНА ИЛЈАДИ ЕВРА ШТО ОДДАЛЕ ТАЈНИ ПОДАТОЦИ ЗА ТЕНДЕР НА ИТАЛИЈАНСКА ФИРМАИстрагата се спроведувала два месеца во соработка на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и повеќе различни држави Италија, Холандија, Романија и други европски земји. - Полиција утринава пред седиштето на министерството во зградата на поранешнатата НИП Нова Македонија во Скопје (Фото: К. Попов)

    По апсењето на Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и негов колега, поранешен раководител, за земање мито за оддавање доверливи податоци на италијанска фирма за да победи на милионски тендер, Обвинителството за организиран криминал и корупција за нив бара притвор.

    Сопственикот на италијанската фирма кој на ваков начин го добил тендерот, го апси обвинител во неговата држава. Според заедничкото соопштение на македонското и италијанското обвинителство за организиран криминал, осомничените како службени лица, во периодот од јуни 2014 година до август 2015 година од италијанско правно лице преку посредници – италијански државјанин (советник во правното лице) и англиски државјанин (деловен партнер на англиско правно лице со подружница во Скопје), примиле подарок – патување во странство во три наврати, со вкупна вредност од 7.000 евра.

    Патувањата биле за да извршат службено дејствие што не смееле да го извршат, се наведува во соопштението. Тие како службени лица, пред официјалното објавување на условите на тендерот, на италијанската фирма – апликант и овозможиле детален пристап до доверливи тендерски информации. Со ваквата постапка, иако знаеле дека е противзаконска, осомничените го прекршиле законот и принципите за доверливост и еднаков третман и на италијанската фирма и овозможиле повластена положба и предност во однос на останатите апликанти. Како резултат на тоа, правното лице било избрано да го спроведува ИПА проектот и бил склучен договор во вредност од 1.096.900 евра.

    „Во текот на 2016 година, во периодот кога во МИОА веќе почнало спроведувањето на ИПА проектот, како награда за своето противзаконито службено дејствие, првоосомниченото лице, преку италијанскиот посредник од фирмата-добитник на тендерот, примило во готовина парични средства во вкупен износ од 37.930 евра. Второосомниченото лице примило подарок во вкупен износод 2.500 евра“, се наведува во соопштението.

    Обвинителството за организиран криминал до Судијата на претходна постапка при Кривичниот суд – Скопје доставил предлог за определување на мерка притвор против првоосомничениот Јахија кој во 2005 година бил гонет и за кривично дело Злоупотреба на избирачкото право по член 161 и во истиот предмет осуден со парична казна за повреда на избирачкото право од член 159 од Кривичниот законик. Второосомниченото лице, кое примило помало мито, во моментот не се наоѓа на Република северна Македонија.

    Обвинителката Вилма Рускоска во соопштението наведува дека апсењето на функционерот Јахиа го извел Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал на МВР, по наредба на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во координација со италијанското обвинителство од Милано. Акцијата била со поддршка на ЕУРОПРАВДА.

    Заради обезбедување докази во правните лица кои биле учесници во криминалните дејствија, спроведени биле симултани претреси во Северна Македонија и во Италија и тоа пет претреси во Скопје и Куманово од кои во две правни лица и едно министерство, како и во осум правни лица во Италија. Притоа, Министерството за внатрешни работи привремено одзело повеќе од десет компјутери (десктоп и лап-топ компјутери), УСБ и микро СД мемориски картички, мобилни телефони, таблети, два пиштола, парични средства и обемна службена документација.

    Истрагата се спроведувала два месеца во соработка на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и МВР со меѓународните организации ОЛАФ и ЕВРОПРАВДА, како и повеќе различни држави Италија, Холандија, Романија и други европски земји. Предметот е од меѓународни димензии и е инициран од страна на Европската служба за спречување измама – ОЛАФ која преку Јавното обвинителство во Милано, Италија, достави замолница за меѓународна правна помош до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. По наредба на надлежен јавен обвинител, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал спроведе истражни дејствија и обезбедување докази во врска со нерегуларности, измами и корупција во неколку проекти спроведени во различни институции во нашата држава, финансирани од Европската Унија. Извршени се проверки и потврдување на сомненијата за корупција при доделување на ИПА Фондови во износ од 1.2 милиони евра.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира