Министерството за информатичко општество и администрација изготви Предлог-закон за административни службеници, со кој се предвидува административните службеници да имаат скратено работно време во петок.
Според предложеното законско решение, кое од 17 септември е на увид на јавноста на ЕНЕР, државните службеници ќе работат 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено.
Во извештајот за проценка на влијанието на регулативата не е објаснето зошто се носи ваква измена на законот во врска со работното време.
Со предложениот закон, се менува и оценувањето на административните службеници. Ако досега се оценуваа со 1 до 5 и со А до Д, сега се воведува описно оценување со „особено се истакнува“, „се истакнува“, „задоволува“, „делумно задоволува“, „не задоволува“.
Административниот службеник за кој годишната оцена е „особено се истакнува” или „се истакнува“, ќе биде награден со: признание, до пет слободни денови или специјализирана обука, односно стручно усовршување во висина од една просечна плата.
На административниот службеник кој е оценет со „делумно задоволува“ ќе му биде изречена опомена и ќе му се определен ментор, а во случај на повторена опомена платата ќе му биде намалена за 5% во период од еден месец.
За да стане закон, овој предлог треба да помине на Влада, а потоа и усвоен во Собранието.