Опозициската ДУИ испрати писмо до САД, Европската Унија и НАТО, барајќи од нив брзо и одлучно да делуваат за да се спречи дестабилизација на земјата, објави ТВ21. ДУИ го испраќа писмото во пресрет на седницата на Уставниот суд на 11 декември, кога треба да се разгледува уставноста на Законот за употреба на јазиците.
Во писмото, од ДУИ велат дека евентуалното укинување на одредби од овој закон ќе ја поткопа меѓуетничката хармонија во земјата и би го нарушило кревкиот баланс кој повеќе од две децении обезбедува стабилност и соживот. Од ДУИ додаваат дека Законот за употреба на јазиците е еден од клучните елементи на Охридскиот рамковен договор.
„Ги повикуваме САД , ЕУ, НАТО и сите гарантори на Охридскиот договор да реагираат решително. Дипломатскиот ангажман со сите страни е од суштинско значење за да се спречи одлука што би го поткопала мирот, би ја дестабилизирала земјата и би го загрозила евроатлантскиот интегративен процес на Северна Македонија. Ова не е само внатрешно прашање. Стабилноста на Северна Македонија е столб на безбедноста на Западен Балкан, а нејзината кревкост може да има широки последици за целиот регион“, се вели во писмото на ДУИ.
Истовремено, над 250 албански интелектуалци упатија отворено писмо до Уставниот суд со апел да „покаже доволна чувствителност кон веќе стекнатиот статус на јазикот на втората етничка заедница во државата, албанскиот јазик“.
Меѓу потписниците се ректорите на три универзитети на албански јазик во Македонија: Абдулменаф Беџети, Јусуф Зејнели и Изет Зеќири, како и познати професори и актуелни декани на повеќе факултети.
„Го потсетуваме широкото јавно мислење и вас, почитувани судии, дека досегашната работа на Уставниот суд предизвикувала тензии и незадоволство, секогаш кога тој донесувал еднострани и самоволни одлуки, кои довеле до сериозни последици врз меѓуетничките односи и ги нарушувале националната права на Албанците за еднаквост и правда, реализирани на институционален начин“, се вели во писмото.