ДУИ ГИ ВРТИ ИСТИТЕ 20-30 ЛУЃЕ, НЕВОЗМОЖНО Е ЕДЕН ЧОВЕК ДА БИДЕ МИНИСТЕР, ПА УСТАВЕН СУДИЈА, ПА ОМБУДСМАН, ПА ОБВИНИТЕЛ, КАЖА СИЛЈАНОВСКА НА ИЗБОРОТ НА ЗАМЕНИЦИ МИНИСТРИ

    ДУИ ГИ ВРТИ ИСТИТЕ 20-30 ЛУЃЕ, НЕВОЗМОЖНО Е ЕДЕН ЧОВЕК ДА БИДЕ МИНИСТЕР, ПА УСТАВЕН СУДИЈА, ПА ОМБУДСМАН, ПА ОБВИНИТЕЛ, КАЖА СИЛЈАНОВСКА НА ИЗБОРОТ НА ЗАМЕНИЦИ МИНИСТРИ„Избега од мене", се шегуваше Силјановска за спикерот Талат Џафери, кој стана од местото баш во моментот кога таа излезе на говорницата, а го замени потпретседателот Горан Мисовски (Фото: К. Попов)

    По целодневна расправа Собранието вечерва доцна ги изгласа замениците-министри што ги предложи премиерот Димитар Ковачевски и со тоа се комплетира Владата.

    За замениците гласаа „за“ 63 пратеници, „против“ беа 35.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги најде имињата на замениците-министри од веб страната на Собранието, зашто цел ден од ретко кој пратеник беше спомнато барем едно име, ни биографија. Единствено при крајот пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска се осврна на Башким Хасани, Назим Буши и на Агим Нухиу од ДУИ, за несоодветно образование, за галопирачко образование додека се на власт и за оскудно професорско образование.

    „Како сите научно цветаат кога ќе влезат во министерските функции, а дотогаш немаат ни регуларно образование?“, праша Силјановска, која кажа дека ѝ пречи таа концентрација на моќ.

    На тоа жестоко реагираше пратеничката од ДУИ Вјолца Адеми која ја праша зошто ги спомнува само кандидатите од ДУИ и дали тоа значи дека ѝ пречат исто како што ѝ пречат материјалите што ги добива во Собрание на албански јазик.

    Силјановска се налути уште повеќе од Адеми, ѝ реплицираше да не мава со толку ниски удари.

    „Мене на факултет ме наследи Прешова. Запомнете, Прешова“, рече Силјановска.

    Потоа кажа дека секој треба да ги добива материјалите на мајчин јазик, но дека таа не може да се снајде паралелно да ги чита и се сомнева во идентичноста на содржината, иако учи албански.

    Како пример дека ДУИ 20 години ги менува истите 20-30 личности на разни функции, таа го наведе членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети.

    „Кога партијата ДУИ е во прашање, кога ќе видите некои од личностите, што ќе заклучите? Дека за 20 години, помеѓу 20 и 30 луѓе постојано се менуваат на различни функции. Тоа значи огромна концентрација на моќ, и мора да размислиме дали е ова во ред. Ќе дадам еден еклатантен пример: министер за правда, па уставен судија, па народен правобранител, па јавен обвинител. Невозможно. Ренесансни личности нема, ова во науката ние го нарекуваме ротирачки рингишпил или ротирачка вртелешка. Истите луѓе одат и во регулаторни тимови. Мислам дека треба да размислиме дали е тоа во ред“, вели Силјановска.

    Впрочем опозицијата цел ден на Ковачевски му зборуваше дека направил ДУИзација на Владата.

    Башким Хасани е избран за заменик-министер за одбрана, Назим Буши за заменик-министер за внатрешни работи, Агим Нухиу останува заменик-министер за правда, Џабир Доко е заменик-министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмире Исаки заменик-министерка за надворешни работи, Филип Николоски заменик-министер за финансии, Зоран Маневски заменик-министер за економија, Абдулшуќур Абедини заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владимир Рендевски заменик-министер за здравство, Лулзим Алиу заменик-министер за образование и наука, Енвер Хусејин заменик-министер за труд и социјална политика, Александар Бајдевски заменик-министерка за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи заменик-министер за транспорт и врски и Христина Оџаклиеска е заменик-министерката за животна средина и просторно планирање.

    Пратениците не зборуваа ни за биографиите, ни за способностите на овие личности. Место тоа, цел ден ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за велепредавство на Гоце Делчев и на македонските национални интереси, за поскапувањето на струјата, за лоша состојба во образованието итн.

    Пратениците од власта реплицираа дека Делчев за ВМРО-ДПМНЕ отсекогаш е небитен зашто партијата ги воспева Тодор Александров, Ќосето и други немакедонски личности, дека не Градот Скопје, туку Владата не дозволи скопјани да се смрзнат и оти добро ја менаџира енергетската криза, а за образованието ја повика ВМРО-ДПМНЕ да ја тргне блокадата од над една година на законот за платите на наставниците.

    Премиерот Димитар Ковачевски на почетокот повтори дека нема преговори околу националните интереси на Македонија, но опозицијата упорно зборуваше за предавство.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира