Собранието ги изгласа измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со кој беше укината радиодифузната такса, Законот за стечајни работници и Законот за минимална плата. За законите, гласаа и пратениците на владејачката коалиција и на опозицијата.
За време на гласањето, во собраниската сала не беше присутен Илија Димовски, координаторот на првата и најбројната пратеничка група од шест пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ .
Тој на 11 август, за време на седницата на која се расправаше за разрешување на обвинителот Марко Зврлевски му се закани на претседателот Талат Џафери дека нема да донесе ниту еден закон во неговиот мандат. „Еден закон нема да донесеш“, му дофрли тогаш од место Димовски на Џафери, откако неговите сопартијци бурно изреагираа на говорот на независниот пратеник Павле Богоевски, кој ги обвини дека со штитењето на Зврлевски го штитат криминалот.
Според Деловникот, пратеникот мора своето оправдано отсуство пред почетокот на седницата да го најави кај претседателот на Собранието Талат Џафери. Претседателот Џафери не го спомена неговото име во списокот на пратеници што го најавиле отсуството на седницата на која се расправаше за пакетот закони за ранливите групи.
Илија Димовски е еден од најактивните пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кој редовно се расправа со претседателот на Собранието Џафери за процедурални забелешки, бара паузи и влегува во кавги и жестоки расправи со пратениците на владејачкото мнозинство.
Собранието ја укина радиодифузната такса, изгласувајќи ги измените на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, по скратена постапка, поднесен од Томислав Тунтев, Ејуп Аљими и Весел Мемеди. „за“ гласаа 70 пратеници, а немаше „против“, ниту „воздржани“. За овој закон беше потребно и Бадинтерово мнозинство, а „за“ гласаа 20 пратеници од немнозинските пратеници. Радиодифузната такса беше 190 денари.
Претходно денеска, Собранието со 82 гласа „за“ го усвои и Законот за стечајни работници. Со законот, се овозможува околу 3.000 лица да добиваат месечен надомест од по 8.356 денари, односно 34 отсто од просечно исплатената месечна нето-плата минатата година.
Со 70 гласа „за“, без „против“ и „воздржани“, Собранието ги изгласа и измените на законот за минимална плата, предложени од мнозинството, а со кои зголемувањето на минималната плата на 12.00 денари ќе се однесува на сите работници, вклучувајќи ги и оние од текстилната и кожарската индустрија. Овие работници досега не ги опфаќаше законот за минимална плата.
Г. ТРПЕНОСКИ