ДВАЈЦА МРТВИ, ЕДЕН СЕ БОРИ ЗА ЖИВОТ ПО ПУКАЊЕТО НА РУЗВЕЛТОВА ВО СКОПЈЕ, ПОТВРДИЈА ОД УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР

    ДВАЈЦА МРТВИ, ЕДЕН СЕ БОРИ ЗА ЖИВОТ ПО ПУКАЊЕТО НА РУЗВЕЛТОВА ВО СКОПЈЕ,  ПОТВРДИЈА ОД УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАРПресметката ноќеска почна пред објектот на СЈО на „Рузвелтова“ во Скопје, каде од автомобил во движење непознати лица со рафали пукаа во друг автомобил. Според она што можеше да го види екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК додека траеше увидот на крим-техника, биле испукани над 30 куршуми. - (Фото: СДК.МК)

    Во криминалната пресметка што ноќеска почна пред објектот на Специјалното јавно обвинителство на „Рузвелтова“ во Скопје починаа двајца, а третиот е во тешка здравствена состојба, велат од Ургентниот центар на скопските клиники. Загинати се Н.А.(44) и А.П.(49), а повреден е Ф.Е.(19), сите од Скопје, соопштија од МВР.

    „Триесет минути по полноќ во Ургентниот центар беа донесени тројца повредени од огнено оружје. Кај еден од повредените беше констатирана смрт. Другите двајца беа хоспитализирани на Клиниката за анестезија, реанимација, и интензивно лекување-КАРИЛ со животозагрозувачки повреди. Еден од нив два часа по прием на Клиниката и покрај сите напори на медицинските тимови им подлегна на повредите, додека кај третиот пациент беше интеревнирано хируршки во текот на ноќта. Во моментов лекувањето продолжува во единицата за интензивно лекување“, вели д-р Алберт Леши, раководител на Ургентниот центар на Скопските клиники.

    Пресметката ноќеска почна пред објектот на СЈО на „Рузвелтова“ во Скопје, каде од автомобил во движење непознати лица со рафали пукаа во друг автомобил. Според она што можеше да го види екипата на САКАМДАКАЖАМ.МК додека траеше увидот на крим-техника, биле испукани над 30 куршуми.

    Возилото во кое се наоѓаа загинатиот и повредените било начекано веднаш по семафорите на крстосницата со „Партизанска“, по што бркотницата продолжила до наредната крстосница со „Орце Николов“, на 300 метри оддалеченост. Таму, изрешетаното возило преминало во спротивната лента и се судрило првин со едно возило кое случајно поминувало, а потоа и со друго паркирано возило пред кафулињата кои се наоѓаат во близина. Напаѓачите избегале.

    Вооружената пресметка се случи околу полноќ, на час пред затворањето на кафулињата кога и фреквенцијата на луѓе и возила во тој дел на градот е поголема. „Рузвелтова“ беше затворена за сообраќај од „Партизанска“ до „Орце Николов“, а блокирани беа и помалите споредни улички кон населбата Карпош 1.

    За вооружената пресметка од МВР соопштија: „На 29.09.2018 год. во 00,30 часот на улица „Франклин Рузвелт“ во Скопје, непознати лица од возило пукале во возилото „Сеат aлтеа“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле лицата Н.А.(44), Ф.Е.(19) и А.П.(49), сите од Скопје. На местото на настанот починал Н.А., додека другите две лица- Ф.Е. и А.П. со Итна медицинска помош биле пренесени во Ургентен центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде А.П. подлегнал на повредите“.

    По наредба на дежурен јавен обвинител, телата на починатите се предадени на обдукција на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија, а изрешетаното возило е подигнато за вештачење.

    Е. БОЧВАРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира