ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ КОИ БЕА НА ДИЈАЛИЗА ДОБИЈА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ

    ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ КОИ БЕА НА ДИЈАЛИЗА ДОБИЈА БУБРЕЗИ ОД ПОЧИНАТ ДАРИТЕЛ„Длабоко сочуство до семејството на починатиот пациент, кое ни одржа лекција како се сака ближниот свој, дури и кога не го познаваме“, рече директорката на КАРИЛ и Национален координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова. - Од прес-конференцијата во Министерство за здравство (Фото: Министерство за здравство)

    Пред два дена на Клиниката за урологија по застој од три години направено е пресадување на бубрези од починат дарител. Органите ги добија двајца пациенти, кои долги години биле на дијализа.

    „Од починатиот, кој неколку дена беше на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, со дозвола на најблиските членови од семејството се земени бубрезите и веднаш се трансплантирани на двајца пациенти кои чекале на нив. Двете трансплантации поминаа успешно и засега пациентите добро се чувствуваат. Им честитам на медицинскиот персонал од Клиниката за урологија и КАРИЛ, кои спасија два живота, кои долго време се измачуваа со дијализа“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

    Д-р Сашо Дохчев, раководител на центарот за дијализа на Клиниката за урологија, кажа дека едниот бубрег го добил 30 годишен пациент, а вториот пациентка на која ова ѝ е втора трансплантација, бидејќи лани исто така била трансплантирана, но процесот бил неуспешен. Тој рече дека од хируршки аспект пациентите се во одлична состојба и одлично реагираат.

    Директорката на КАРИЛ и Национален координатор за трансплантација д-р Маја Мојсова кажа дека многу клиники биле вклучени во оваа активност за таа успешно да се реализира, односно покрај оперативниот дел на Урологија и лекувањето на пациентот на КАРИЛ во процесот биле вклучени и клиниките за нефрологија, неврологија, неврохирургија и трансфузиологија, за да тече непрелено процесот од констатирање мозочна смрт, добивање согласност од семејството, избор на потенцијалните кандидати.

    „Длабоко сочуство до семејството на починатиот пациент, кое ни одржа лекција како се сака ближниот свој, дури и кога не го познаваме. Покрај многуте негативни одговори од семејствата и на други пациенти со мозочна смрт, ова беше враќање на вербата дека преку донирање на органите дел од нивниот близок може да живее преку други“, рече д-р Мојсова.

    Таа кажа дека листата за потенцијални приматели сè уште се изготвува и дека засега имаат седумдестина кандидати, и дека пациентите кои ги примиле бубрезите се избрани според оваа листа и според компатибилноста. Според неа од 1.400 пациенти на дијализа не се сите погодни за трансплантација.

    Филипче вели дека ги интензивираат разговорите со европската мрежа за дарување органи Еуротрансплант и дека преку договорите што ги има Македонија со Хрватска ќе се обидат да воспостават размена на органи меѓу Европа и Македонија.

    „Со хрватскиот министер за здравство имавме интензивни разговори последните две недели за да се види како Македонија може да се вклучи во делот на дарување органи при мозочна смрт во случаи кога кај нас нема погоден кандидат, а потоа во иднина и да добиваме органи од европските земји. Со законските измени за формирање една комисија за позитивната листа, кои се во процедура, на позитивната листа на лекови ќе ги ставиме и сите лекови кои се неопходни за трансплантација“, рече Филипче.

    Министерот кажа дека следниот месец почнуваат и кампања за подигање на јавната свест за дарување органи и дека трансплантацијата од една страна е многу поевтина од лекувањето на овие пациенти на дијализа, а од друга страна им овозможува поквалитетен живот. Тој најави дека ги подготвуваат и огласите за лиценци за приватните болници, каде планираат да ги искористат просторните капацитети за трансплантација во услови кога тоа нема да може да се прави на скопските клиники.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари