Петре Жежовски од Скопје, кој на снимките од организираниот напад на Собранието на 27 април се гледа како го удира со боксови по глава тогашниот телохранител на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, денеска во Основниот суд Скопје 1 доби затворска пресуда, откако претходно го признал делото.
Судијата Оља Ристова за насилство на Жежовски врз членови на собраниското обезбедување кои ги давел со раце, за боксирањето на Тасевски и за нападот врз Оливер Спасовски, Зоран Заев и други членови од нивното обезбедување и пратеници, му изрече казна затвор во траење од 2 години и 10 месеци.
Според објавената пресуда, Жежовски во 18.30 часот насилно влегол во Собранието и уште пред (прес) салата број 3 го фатил за врат со двете раце Владимир Стојков од собраниското обезбедување, викајќи му: „Кого криеш ти, кого штитиш!“. Го оттргнал колегата на Стојков, Веселин Крстевски.
Како дел од тие што ја турнаа вратата на прес салата во која беа пратеници и новинарски екипи, Жежовски влетал меѓу првите насилници и се упатил кон Спасовски и Заев, што се гледа на повеќе видео-снимки од крвавиот настан. Му се нафрлил на Тасевски, го удирал со боксови по главата и по телото, па зел метално постоље, и замавнал кон Спасовски. Ударот го спречил Тасевски и тука му возвратил на сега осудениот Жежовски. Потоа се втурнал да го мава Заев, но пак бил спречен од обезбедувањето на Оливер. Викал по нив: „Предавници!“, грубо ги навредувал, предизвикал несигурност и загрозеност, додека во исто време биле нападнати од групата други насилници.
Пред десетина дена Ристова осуди уште двајца насилници на 27 април кои во целост ја признаа вината. Признанија и затворски пресуди има и кај двајца обвинети за насилство во случајот за обидот за убиство на Зијадин Села.
С. К. ДЕЛЕВСКА