ДВЕ ГОДИНИ УСЛОВНО ЗА ИВОНА ТАЛЕСКА

    ДВЕ ГОДИНИ УСЛОВНО ЗА ИВОНА ТАЛЕСКАИвона Талеска утринава пристигнува во Основниот суд Скопје 1. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Новинарката Ивона Талеска беше осудена на две години условна затворска казна за даночно затајување во предметот на СЈО „Тифани“, откако претходно денеска на судењето во Основниот суд Скопје 1 призна вина. Талеска нема да лежи затвор ако во наредните четири години не направи ново кривично дело.

    Судијката Софија Лаличиќ рече дека со оглед на примерното поведение на обвинетата и фактот што досега не сторила кривично дело ѝ се одредува условна казна.

    Талеска треба да плати 1.671.611 денари за персонален данок на доход кој не го плаќала, 1.145.900 денари даночни обврски од фирмата „Смарт центар“ ДООЕЛ која сега е во стечај, а фирмата „Смарт груп“ која е во сопственост на Талеска треба да плати 1.038.698, данокот го затајувала од 2008 до 2014 година.

    Талеска има рок од една година да го плати данокот кој го затајувала со години и за што беше отворен случајот на СЈО „Тифани“.

    „Ние сме задоволни од признанието на обвинетата Ивона Талеска, како и од пресудата со која се прогласи за виновна. Во однос на кривичната санкција ќе почекаме да ја добиеме писмено, па ќе се произнесеме“, кажа обвинителката на СЈО Елизабета Јосифоска.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира