Поранешниот премиер Никола Груевски е неправосилно осуден на две години затвор за влијание МВР да купи блиндиран луксузен мерцедес од 600 илјади евра од пари на полицијата, по негова лична желба. Тој не дојде да ја слушне пресудата, што е негово право.
Судијката Добрила Кацарска од Основниот суд Скопје 1 во истиот предмет „Тенк“ го прогласи за виновен и обвинетиот поранешен помошник-министер за јавни набавки во МВР Ѓоко Поповски на казна затвор од 6 години и 6 месеци. За разлика од Груевски, Поповски дојде од затвор Шутка и ја слушна пресудата против него.
Оваа му е втора затворска казна на Поповски за два дена. Вчера Кацарска за незаконска набавка на 300 возила за МВР, го осуди на 9. годишна затворска казна и му изрече мерка притвор.
„Чест е да се биде носител на јавна функција, особено премиер и затоа тој треба да се грижи за интересите на граѓаните. Еден од основните принципи е принципот на отчетност. Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари“, рече Кацарска.
Груевски и Поповски се огласени за виновни бидејќи во 2011 година МВР донело одлука за купување на блиндирано возило најмногу до 243.000 евра, поради осиромашениот буџет на министерството, но под влијание на тогашниот премиер Никола Груевски, со барања за луксуз, Гордана Јанкулоска како министер потпишала одлука за набавка на ново возило од речиси 600 илјади евра. Тогашната министерка Гордана Јанкуловска е обвинета и е во издвоена во друга постапка за „Тенк“.
Во бомбите се слушна како цело време Груевски ја потсетува и ѝ кажува на Јанкулоска дека пред себе ги има проспектите за тоа на „М“, оти другите проспекти не знае кај се и не му требаат и кај што и вели да ја тера работата за тоа на „М“. Јанкулоска му кажува дека јавното наддавање ќе биде електронско, но дека внимаваат и ја таманат работата да не влета некој друг освен „Макаутостар“.
Предвидениот износ за набавка на блиндирано возило одеднаш бил двојно зголемен во 2012 година од страна на Јанкулоска. Груевски во завршните зборови рече дека не е виновен, бидејќи висината на јавните набавки не ја потпишува премиерот, туку министерот за финансии. Мерцедесот С-600 гард бил купен како единствена понуда на местениот тендер, откако претходно била исклучена конкуренцијата.
За техничките спецификации што биле наведени во тендерската документација, понуда дал само „Макаутостар“, бидејќи биле направени за блиндиран мерцедес С-600 гард, никако за БМВ, Ауди и останатите типови возила кои можеби би биле поевтини. Практично, објавената јавна набавка и техничките спецификации за блиндираното возило што сакало да го купи МВР, биле копија на понудата од единствениот понудувач „Макаутостар“.
Затоа и на јавниот повик се јавил само фаворизираниот „Макаутостар“, како единствен добавувач кој ги исполнувал наведените спецификации и карактеристики, особено и како единствен овластен сервисер за ултра луксузниот мерцедес, како што се барало во набавката. На судењето беше пуштена и бомбата каде Груевски ѝ вели на Јанкулоска дека до локалните избори ќе се вози со старото возило, особено кај што ќе го чекаат новинари и граѓани, а по локалните, ќе речеме, како што вели, дека сме го презеле од МВР. Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка.
С. К. ДЕЛЕВСКА