Состојбата со судските предмети во Основниот суд Скопје 1 се комплицира по новиот распоред на судии што го донесе в.д. претседателката Татјана Михајлова, според кој, само за да ги тргне непослушните судии од предметите што ги води Специјалното јавно обвинителство (СЈО), без аргументи прераспореди 20-ина од нив.
Секој судија остава најмалку 100 и наследува најмалку 100-тина туѓи предмети. Најмалку две илјади предмети од Кривичниот суд и од Судот за прекршоци, кој е во негови рамки, ќе мора да се работат одново, бидејќи така бара и стариот и новиот Закон за кривична постапка, предупредуваат судии од најголемиот суд.
“Ако се работи за прераспореден судечки судија од кривичниот оддел за полнолетни и од Судот за прекршоци, тој кога ќе ги остави недовршени предметите што ги водел и кога ќе ги преземе туѓите, ќе мора да направи сѐ одново, ќе мора да ја повтори целата постапка. Тоа се многу предмети. Најмалку по 100 од судија. Секој нов предмет што ќе го преземе, преместениот судија ќе мора првин добро да го прочита. Треба потоа добро да го проучи. Сите сослушани обвинети, оштетени, сведоци, вешти лица итн, мора одново да ги повикува и одново да ги сослуша. Не се важат изјавите во записник што ги нотирал колегата – претходник. Одново се пишуваат судски покани, одново се врши судска достава. Има стари предмети и по осум години. Судијата ќе мора да ги најде странките што биле сослушани пред осум години, на пример, и одново да ги сослуша. Тоа го бара стариот Закон за кривична постапка (ЗКП), а исто така и новиот ЗКП“, објаснува за САКАМДАКАЖАМ.МК сменетата судијка од Основниот суд Скопје 1 Оља Ристова, која како што тврди, без никакво образложение и аргументи од Михајлова e преместена во Судот за прекршоци.
Странките ќе мора одново да доаѓаат во Судот, за ист предмет по вторпат, но кај друг судија. Тие одново ќе мора да плаќаат адвокати, чии тарифи сега се неколкукратно зголемени, а Кривичниот суд да прави двојни трошоци од Буџетот и да ги одолговлекува постапките со години.
Судијата Ристова предупредува: “Од сите вклучени во една судска постапка, сепак, најзагрозени се обвинетите и оштетените. Правдата за граѓаните што имаат предмети кај 20-ината преместени судии во Основниот суд Скопје 1, ќе доцни. Тие постапки што ќе мора одново да ги прават, ќе ја ја задоцнат правдата со месеци, со години. И на крај, бројот на заостанати предмети, при оценувањето ќе се книжи како минус за судијата“.
Новиот распоред треба да стапи во сила денеска, први март.
На позициите на сменетите судии од одделот во претходна постапка (кој одлучува за барањата за притвор од СЈО), од кривичниот оддел за полнолетни, од одделот за малолетници и од Судот за прекршоци, доаѓаат други судии.
Дел од судиите што ги премести в.д. претседателката Татјана Михајлова поднеле приговор до Врховниот суд, кој закажа општа седница за приговорите за утре.
С. К. ДЕЛЕВСКА