Кафеанџиите во првиот ден откако пак почнаа со работа воопшто не ги почитувале протоколите за работа пропишани од Владата, кажа директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски. Тој на денешната прес-конференција кажа е многу разочаран од она што вчера го виделе низ локалите вчера. Ечела жива музика, гостите играле и пееле качени на маса, се гушкале и бакнувале, а угостителите ги понижувале инспекторите.
„Крајно разочарувачки е она што го видовме на терен. Свеста на граѓаните и на угостителите е на крајно ниско ниво. Затекнавме жива музика, качени гости на маси, прегрнати. Кога инспекторите ќе влезеа во локалите, газдите им викаа едуцирајте нѐ и напуштете го објектот. Не се почитуваат сите точки од протоколот, не само некои. Совеста затаи и затоа најавувам дека од денес секој ден и во сабота и недела, од утро до вечер ќе бидеме на терен и ќе казнуваме“, рече Пауновски.
Според протоколите кои ги усвои Владата ќе работат само летните тераси и тоа до 22 часот. На една маса може да седат две лица, а ако се од исто семејство може и четворица. Масите треба да се оддалечени една од друга најмалку 1,5 метар. Нема стоење на шанк и на коњопои, забранети се прослави. На секоја маса треба да им средство за дезинфекција.
Денеска во земјава дијагностицирани се 52 нови заболени со КОВИД-19, од кои 26 се од Скопје. Починаа 4 лица.
А. АНТЕВСКА