ЕФИКАСЕН СИСТЕМ ЗА ФИНАНСИСКА КОНТРОЛА НА ЈАВНИОТ СЕКТОР ПО ИЗБОРИТЕ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИ

    ЕФИКАСЕН СИСТЕМ ЗА ФИНАНСИСКА КОНТРОЛА НА ЈАВНИОТ СЕКТОР ПО ИЗБОРИТЕ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ ТЕВДОВСКИПреку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, при што Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства, рече министерот за финансии Драган Тевдовски (Фото: МИА)

    Реализација на владината стратегија „Политика за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор“ усвоена неодамна ќе почне по изборите. Со стратегијата е предвидено создавање современ, ефикасен и ефективен систем за финансиско управување и контрола, внатрешна инспекција и финансиска инспекција во јавниот сектор, најави министерот за финансии Драган Тевдовски на отворањето на меѓународната конференција ПЕМПал за хармонизација на јавната и внатрешната финансиска контрола, која се оддржува во Скопје.

    Тој  рече дека земјата е прва во регионот која донела ваква стратегија, со која ќе се обезбеди ефикасен систем за финансиско управување и контрола, а ќе ги реши и наследните проблеми. Министерството за финансии годинава е домаќин на оваа меѓународна конференција, каде има 70 претставници од 20 земји од Европската унија, Јужна Америка, Африка и од поранешниот Советски сојуз.

    „Наследивме проблем со заостанати скриени обврски кај институциите, фондовите.  Стратегијата придонесува и во зајакнување на превенирањето на измама и корупција во спроведувањето на јавните набавки. Финансиската инспекција ја затекнавме слабо екипирана и со мал капацитет. Преку имплементација на мерките на оваа стратегијата ќе се воспостави функционална финансиска инспекција во јавниот сектор, при што Владата ќе има дополнителна гаранција за легитимно и транспарентно трошење на јавните средства“, рече Тевдовски.

    На прашањето дали ќе обезбедат зајакнување и на државната ревизија, каде работат 90 ревизори, а ја следат работата на над 1.000 институции, Тевдовски кажа дека по изборите ќе почнат со реализација на оваа стратегија, и една од главните насоки од ЕУ е да се зајакнат токму ревизорите.

    „Една од главните насоки од ЕУ е да се засили тој систем и со луѓе и апсолутно го поддржувам и ќе направиме сè не само кадровски, туку и според стандарди да го развиваме овој систем, бидејќи сметаме дека е важен за јавните финансии. Ревизорските извештаи се важни и ние правиме сè за да се подобри функционирањето на системот“, рече Тевдовски.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира