ЕЈУП АЛИМИ И ИСМЕТ ГУРИ ОСУДЕНИ ПО 3 ИПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПРЕПРАВАЊЕ ГЛАСОВИ НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО КОРИСТ НА ДУИ

    ЕЈУП АЛИМИ И ИСМЕТ ГУРИ ОСУДЕНИ ПО 3 ИПОЛ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПРЕПРАВАЊЕ ГЛАСОВИ НА ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ ВО КОРИСТ НА ДУИАлими и Гури преправиле резултати во 12 списоци од гласање, сите во Чаир. (Фото: МИА/принтскрин)

    Координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими неправосилно е осуден на три ипол години затвор за уништување на изборен материјал на локалните избори во 2013 година во Чаир за да победи ДУИ. Истоветна казна доби и Исмет Гури, тогашен секретар на Општинската изборна комисија Чаир, сега вработен во УЈП, за истото кривично дело.

    Обвинителката Фатиме Фетаи побара од судот на двајцата неправосилно осудени да им изрече мерки, забрана за напуштање на живеалиштето, т.е. на Скопје, и одземање на пасошите. Втората мерка е повеќе за периодот кога ќе се смири состојбата со коронавирус, рече таа.

    Фетаи кажа дека не побарала мерки притвор за нив, поради опасност од дополнително оптоварување на истражниот затвор. По советувањето, судискиот совет одлучи да им ги одзеде веднаш патните исправи на Алими и на Гури.

    Судијата од Основниот суд 1 Марија Клетничка ја образложи пресудата пред обвинетиот Гури, додека Алими не дојде да ја слушне. Од другата страна беше обвинителката Фатиме Фетаи.

    Двајцата, по завршување на гласањето, од два сведока Јани Точи и Ресмие Бислими, ги зеле списоците од гласовите и еден по еден ги преправиле во корист на кандидатите на ДУИ.

    Двајцата фалсификувале вкупно 12 списоци од гласање. На пример во едното 388 гласови за ДУИ ги преправиле во 492, во друго од 122 освоени, во 220. Од 253 во 423 за ДУИ, итн. Преправањето на гласовите го вршеле математички со тоа што со знаење на коалициониот партнер ВМРО-ДПМНЕ, крателе од нивните гласови, ама и од ДПА, кои практично ги преполовувале. Преправени, им ги вратиле на сведоците, членови на комисиите што ги спроведувале гласањата во овие избирачки места.

    По овие локални избори, со години, лидерот на ДПА Мендух Тачи зборуваше за тежок изборен фалсификат од страна на ДУИ.

    Овие резултати, со додавање и одземање на гласови, потоа биле испратени до ДИК.

    Гури и Алими имаат право на жалба до Апелациониот суд Скопје.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари