На огласната табла на Клиниката за токсикологија објавена е наредба од организациската директорка Бесија Иљази со која им забранува на докторите, сестрите и болничарите на клиниката да даваат изјави на медиумите без нејзина согласност.
„Клиниката ја донесе следната наредба: За забрана на неовластено присуствување, давање изјави за јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции. Се забранува неовластено свикување конференции за печатени и електронски средства за информирање, давање интервјуа и слично со што би се нанело штета на интересите на угледот на клиниката. Средба со новинари, други медиуми само со претходно известување на в. д. организацискиот директор. Непочитувањето на оваа наредба подлежи а санкционирање“, се вели во наредбата.
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) го осуди обидот за цензура и ограничување на правото на говор од страна на Иљази.
„ Ваквата наредба претставува грубо прекршување на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Цензурата во Македонија е забранета со член 16 од Уставот на РСМ. Јавните здравствени установи и сите јавни институции во државата треба да обезбедат јавност во своето работење и да информираат за своите одлуки и работа, а не да забрануваат информирање за теми од јавен интерес“, вели ЗНМ.
Оттаму додаваат дека формално ќе се обратат до до ресорното министерство и ќе бара одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба. Дополнително, ЗНМ ќе инсистира за итно повлекување на наредбата и на воспоставување на транспарентност во работењето на клиниката, со цел да се осигура слободата на говор и правото на новинарите да информираат за прашања од јавен интерес.
Клиниката периодов има само организациска директорка, Иљази, откако министерот за здравство Илир Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.
Скандалите на Клиниката започнаа од крајот на минатиот месец, кога со писмо и со прес-конфереција, вработени од Клиниката како и доктори со долгодишно искуство реагираа дека економската директорка Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) на 2 мај соопшти ќе издаде решение со кое на здравствените работници кои немаат договор за работа на Клиниката за токсикологија ќе им биде забранет пристап на Клиниката. Ова уследи откако менаџментот на Клиниката не постапил по издаденото решение за опомена со наложени инспекциски мерки.
„ДСЗИ изврши контролен инспекциски надзор на Клиниката за токсикологија по издадено решение за опомена со наложени инспекциски мерки кои истото беа должни во рок од три дена да испратат писмено известување дали е постапено по истото решение, меѓутоа такво писмено известување не добивме. Со оглед на фактот дека на самиот надзор присуствуваа двајцата директори и медицинскиот и организацискиот беше доставена документација во однос на листи од електронска евиденција на работно време и контрола на пристап во просториите од истите документи ДСЗИ го констатираше следново: По точка 1 и 2 од решението издадено за опомена не се постапува, односно здравствените работници соработници коишто немаат договор за вработување, односно договорот им истекол на 31.12.2023 година истите се евидентираат и понатаму на Клиниката за токсикологија“, рече директорката Рената Младеновска на 2 мај.
Б. НЕСТОРОСКА