ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈА И НЕПОТИЗАМ ТРЕБА ДА БИДАТ ПРИОРИТЕТ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ НА ИНАУГУРАЦИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО

    ЕКОНОМСКИОТ РАСТ И НУЛТА ТОЛЕРАНЦИЈА ЗА КОРУПЦИЈА И НЕПОТИЗАМ ТРЕБА ДА БИДАТ ПРИОРИТЕТ, КАЖА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ПЕНДАРОВСКИ НА ИНАУГУРАЦИЈАТА ВО СОБРАНИЕТОПрвото обраќање на новиот претседател на Република Северна Македонија - Стево Пендаровски веднаш по инаугурацијата (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателот Стево Пендаровски кажа дека економскиот раст и нулта толеранција за корупција и непотизам се двата врвни приоритети за државата, во неговото обраќање од собраниската говорница на денешната инаугурација.

    „Државата има два приоритети, подигнување на многу повисоки стапки на економски раст и нулта толеранција за корупција и непотизам. За успешен одговор на двата предизвици, власта, опозицијата и бизнис секторот мора да работат заедно. Нема просперитет ако најдобрите сакаат да работат во државната администрација или сакаат да си заминат надвор“, кажа Пендаровски, кој претходно даде свечена заклетва дека ќе ја извршува функцијата совесно и одговорно, дека ќе ги почитува Уставот и законите и ќе ги штити независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата.

    Тој рече дека политичките разлики меѓу граѓаните и партиите ќе продолжат да постојат, но енергијата и потенцијалот на општеството мораат да бидат обединети околу неколку стратешки работи. Како што кажа, тоа се нашите евроатлантски интеграции за кои модалитетите за нивна реализација се различни.

    „Ќе се ангажирам за довршување на процесот на интеграција во НАТО, како и за време на целиот процес на преговори со ЕУ. Тука мислам и на меѓуетничките односи, кои се столб на нашата стабилност. Најголема придобивка која мораме да ја чуваме е што после долги години имплементација на Рамковниот договор, припадниците на етничките заедници ја нарекуваат Северна Македонија нашата држава, што е реткост во регионот“, рече Пендаровски.

    За договорите со Грција и Бугарија, кажа дека се позитивен пример како возможно да се заштитат националните интереси и да се промовираат стратешките цели.

    М. ИЛИОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира