Постапувајќи по кривична пријава поднесена од Управата за финансиска полиција, предметен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) донесе Наредба за спроведување истражна постапка против четири лица – директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правен субјект и вработен во истиот субјект. На осомничените им се ставаат на товар кривичните дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, Примање награда за противзаконито влијание и Давање награда за противзаконито влијание, извршени во периодот од јули 2023 до март 2024 година.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев, тогаш во својство на службено лице директор на Царинската управа, С. М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д. Г. во својство на овластено лице во фирма, А. С. во својство на вработено лице во правното лице и против една фирма, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, од член 275-в од КЗ на РСМ, Примање поткупод чл.357 од КЗ на РСМ, Давање поткуп од чл.358 од КЗ на РСМ и Примање награда за противзаконито постапување од чл.359 од КЗ на РСМ.
Сите осомничени се поранешни функционери. Богоев беше и поранешен градоначалник на Карпош и потпретседател на СДСМ.
Според прибраните докази постојат основи на сомнение дека во периодот од јули 2023 година до март 2024 година, пријавените свесно ги повредиле прописите за спроведување на постапките за јавна набавка „Надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали со цел фаворизирање на пријавеното правно лице и изигрување на постапката за доделување на договорите за јавна набавка, на начин што, пријавениот Богоев влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а пријавениот С. М., како помошник-директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што обезбедиле услови за избор и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист од големи размери во вкупна вредност од 18.479.692 денари.
„Пријавениот А. С. со искористување на своето реално влијание, општествена положба и углед, барал, интервенирал, поттикнувал и влијаел да се изврши службено дејствие што не смеело да се изврши кај пријавениот директор на Царинската управа, по што во содејство со пријавениот Д. Г., влијаеле кај пријавениот С. М. на кој непосредно му дале, ветиле подарок и корист за него како и посредно за пријавениот Богоев за да извршат службено дејствие што не би смеело да го извршат. Во периодот од мај 2024 година до февруари 2025 година, Богоев директно и индиректно побарал и примил подарок и друга корист за себе дел непосредно, а дел посредно преку пријавениот С. М.“, наведува Финансиската полиција во пријавата.
И Обвинителството вели дека постои основано сомнение дека во периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договори за јавна набавка за надворешно одржување на хигиена на гранични премини и терминали, при што преку фаворизирање на одреден економски оператор и ограничување на конкуренцијата му овозможиле на правниот субјект да се стекне со противправна имотна корист во износот што го наведува Финансиската полиција.
„Во рамките на истрагата се обезбедени докази и за примање и за давање награда за противзаконито влијание, при што првоосомничениот примил награда во износ од 111.600 денари за искористување на својата службена положба и реално влијание. Со цел непречено водење на кривичната постапка, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ќе достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени“, вели Обвинителството.
Премиерот Христијан Мицкоски, прашан денеска за вчерашното приведување на вработени во Царинската управа, денеска рече дека во наредниот период и во други институции ќе има слични вакви акции за недоследности од минатото.
„Ќе ви дадам краток одговор бидејќи, сепак, е истрага во тек, да не навлегуваме во деталите бидејќи може потоа да го компромитираме евентуалниот процес. Точно е тоа за кое што вие сега зборувате, станува збор за едно лице кое што е поранешен градоначалник на Општина и поранешен директор на јавна институција, во случајот Царинската управа. Станува збор за неколкумина вработени во рамките на таа институција и станува збор за лице кое што, како да го наречам, не знам, немам права квалификација, но бил многу близок до претходната влада и било лице кое што често пати ги олеснувало овие, условно кажано, дејства коишто изобилуваат со многу незаконитости. Или народски кажано бил посредник. Така што, од информациите коишто јас ги имам, ова ќе се проширува и неколку институции во периодот којшто следи ќе имаат слични вакви акции за недоследности од минатото, коишто се содржани во ревизорски извештаи и коишто претставуваат индиции за за злоупотреба на службената положба и овластување“, рече Мицкоски.



