ЕКСПЕРТИ ОД ГЕРМАНСКАТА КРИМИНАЛИСТИЧКА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ПОМОГНАТ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД ЦЕНТАР

    ЕКСПЕРТИ ОД ГЕРМАНСКАТА КРИМИНАЛИСТИЧКА ПОЛИЦИЈА ЌЕ ПОМОГНАТ ВО ИСТРАГАТА ЗА ПОЖАРОТ ВО ТЕТОВСКИОТ КОВИД ЦЕНТАРОд увидот во пожарот во тетовскиот ковид центар, дента по несреќата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Германски експерти од Федералната криминалистика ќе пристигнат деновиве во Северна Македонија за да ја помогнат истрагата околу пожарот во ковид центарот во Тетово, соопшти денеска Владата.

    „Утрово е потврдена поддршката од НАТО сојузникот Германија, со што се одобрува во земјава да пристигнат стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги при несреќи за да помогнат во утврдувањето на причините за пожарот во модуларниот ковид центар во болницата во Тетово“, велат од Владата.

    Оттаму додаваат дека станува збор за експертски тим кој доаѓа од Германија, поточно од Бундескриминаламт (БКА) или Федералната криминалистичка полиција, чиј делокруг на работа е токму во национална и меѓународна соработка, истраги, истражувања и развој. „БКА е со висока експертиза во поддршката при истраги, особено во делот на форензички науки, ДНК анализи, електронски истраги и идентификација. Во специјалните задачи кои ги работи БКА е и тим кој работи на истраги со жртви во катастрофи и несреќи. Станува збор за институција која во Германија има 60-годишна традиција на дејствување, со околу 7.000 вработени“, се вели во владиното соопштениe.

    Тимот експерти ќе соработува со МВР и ќе ја помага истрагата која ја води ОЈО.

    Ковид центарот во Тетово целосно изгоре за три минути на 8 септември вечерта, при што загинаа 14 лица, од кои 12 пациенти и двајца роднини.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира