ЕЛЕМ ДОБИ 90 ДЕНА ЗАБРАНА ЗА ИЗГРАДБА НА ЖИЧАРА НА ПОПОВА ШАПКА

    ЕЛЕМ ДОБИ 90 ДЕНА ЗАБРАНА ЗА ИЗГРАДБА НА ЖИЧАРА НА ПОПОВА ШАПКАДржавниот инспекторат за животна средина при контролата минатата недела утврдил дека е поместена локацијата за жичарата, а нови документи не биле обезбедени. (Фото:СДК.МК)

    АД„Електрани на Македонија“ доби забрана за градба на шестоседата жичара на Попова Шапка, од Државниот инспекторат за животна средина. Оваа забрана, како што велат до Инспекторатот, е изречена во рок од 90 дена, бидејќи во контролите направени на 5-ти и 6-ти овој месец, било утврдено дека било поместена локацијата за изградба на приемната станица за жичарата.

    „Писмено не бевме информирани за поместување на локацијата. При надзорот побаравме документација, односно нова дозвола за градба, измена на елаборат за животна средина и мислење од Министерството за животна средина, кои не ги добивме. Следниот ден на шести октомври, при повторен надзор затекната е на самото место фирма Декон Ком од Скопје, која не поседуваше соодветна документација. Инспекторатот издаде решение со забрана за работа на ЕЛЕМ и фирмата Декон Ком за вршење секакви градежни активности во ова подрачје. Од Општина Тетово добивме записник и негативно мислење за изведената градба“, вели Мирослав Богдановски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

    Тој вели дека по изминување на овие 90 дена, што е максимален законски рок за забрана што може да ја издаде Инспекторатот, повторно ќе направат контрола, а следната недела договорена е средба со претсавници на АД ЕЛЕМ за да се направи увид во документацијата, што ја има оваа државна компанија за изградба на жичарата.

    Државниот Инспекторат за животна средина во јули годинава извршил надзор на локалитет Попова Шапка, откако пристигнал елаборат за животна средина од АД ЕЛЕМ за изградба на шестоседа жичара.
    При надзорот државните инспектори за животна средина утврдиле оштетување на изворите за водоснабдување на градот Тетово и веднаш издале решение за забрана на сите градежни активности, додека да се најде соодветно техничко решение.
    „Решение за забрана за градежни активности е дадено и од овластен инспектор за животна средина од Општина Тетово. АД ЕЛЕМ изврши санација на местото, а потоа не се преземаа никакви дејствија“, велат од Инспекторатот за животна средина.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира