ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ УТРЕ ЌЕ ГИ БАРААТ КОНТАКТИТЕ АКО КОВИД ТЕСТОТ НА АМДИ БАЈРАМ БИЛ ПОЗИТИВЕН

    ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ УТРЕ ЌЕ ГИ БАРААТ КОНТАКТИТЕ АКО КОВИД ТЕСТОТ НА АМДИ БАЈРАМ БИЛ ПОЗИТИВЕНЛидерот на Сојузот на Ромите Бајрам, кој почина денеска претпладне на 64 години, страдал од проблеми со срцето и дијабетес, поради што лани му беше ампутирана едната нога. Тој веќе починат денеска бил донесен во една приватна болница во Скопје. (Фото: СДК.МК)

    Ако посмртниот ковид тест на починатиот поранешен пратеник Амди Бајрам е позитивен, епидемиолозите утре ќе ги бараат сите контакти. Лидерот на Сојузот на Ромите Бајрам почина претпладнево во приватна болница, но нема официјална потврда дали е земен посмртен ковид тест и каков е резултатот.

    Сите резултати за тестови на ковид-19, и од приватни и од државни лаборатории се слеваат во Институтот за јавно здравје и епидемиолозите утре ќе ги бараат сите контакти, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК, директорот на Центарот за јавно здравје, д-р Александар Стојанов.

    „Епидемиолозите утре ќе работат на епидемиолошките анкети, и во зависност од ризикот на зараза ќе определат кој да се тестира, а кој да биде во самозиолација“, ни рече д-р Стојанов.

    Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, д-р Ирина Сотирова-Бухова вели дека погребите се надлежност на Министерството за транспорт и врски, а за погреб на лице починато од ковид-19 е задолжена установата каде починало лицето, и дека за тоа има посебен протокол со одлука на Владата.

    Редакцијата САКАМДАКАЖАМ попладнево го праша Министерството за здравство дали на Бајрам посмртно му е направен ковид тест со оглед дека на 17 октомври во Истанбул правеше свадба за внука си со над 200 гости од Македонија.

    „Пациентот има право на доверливост на личните и медицинските податоци, кои се чуваат во тајност и после неговата смрт, во согласност со прописите за заштита на личните податоци. Во однос на одговор за ова прашање, ве молиме обратете се до фамилијата на поранешниот пратеник Амди Бајрам“, одговори Министерството за здравство.

    Лидерот на Сојузот на Ромите Бајрам, кој почина денеска претпладне на 64 години, страдал од проблеми со срцето и дијабетес, поради што лани му беше ампутирана едната нога. Тој веќе починат бил донесен во една приватна болница во Скопје.

    „Тој имаше комплексна здравствена состојба, со хронични болести. Предмалу дознав и навистина немам информација дали е земен ковид тест“, одговори министерот за здравство Венко Филипче на прашањето дали на Бајрам посмртно му е направен ковид тест, кусо по веста за смртта попладнево на прес-конференцијата во Струмица.

    Во матичната општина на Бајрам Шуто Оризари во моментов има 25 активни случаи на ковид-19.

    Пред две недели, Бајрам изјави дека поради мерките на Владата и зголемениот број нови случаи, решиле да ја откажат свадбата. Но, минатата недела кажа дека решил свадбената прослава да ја организира во Турција каде нема забрана за свадби, како што поради коронавирусот е забрането во земјава. За македонски државјани влезот во Турција е дозволен без ПЦР ковид тест.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира