Владата донесе одлука државната компанија ЕСМ да го преземе работењето на БЕГ додека трае енергетската криза. Ваквата одлука следи откако БЕГ најави дека нема пари за набавка на гас па не може да испорачува топлинска енергија во Скопје, односно дека граѓаните и државните и локални институции ќе немаат парно.
„Согласно договор кој ќе се потпише, БЕГ ќе го стави на увид на ЕСМ целокупното свое деловно работење. Договорот ќе му даде согласност на ЕСМ да управува со сите деловни активности на БЕГ, со сите трансакциски сметки, како и со наменската сметка која што БЕГ ќе ја отвори исклучиво за потребите на овој Договор за деловно техничка соработка“, се вели во соопштението на Владата.
Со оваа одлука дополнителните количини на топлинска енергија ќе се обезбедат од домашно производство односно преку топланата Те-То која ќе работи со зголемени капацитети.
На денешната седница Владата ја донесе и Одлуката за одобрување финансиски средства за справување со кризната состојба во снабдување со електрична енергија, со која се одобруваат финансиски средства во износ од 615 милиони денари на ЕСМ. Овие средства ЕСМ ќе ги користи исклучиво за реализација на мерките за обезбедување на дополнителни количини на електрична енергија за зголемување на производството на електрична енергија и за обезбедување мазут и други потребни средства и услови за продолжување со производството на електрична енергија од страна на ТЕЦ Неготино, заради справување со кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија.