ЕУ И НАТО ДА НЕ ЈА ПРИЗНАВААТ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА, БАРА ДИПЛОМАТСКИОТ СИНДИКАТ

    ЕУ И НАТО ДА НЕ ЈА ПРИЗНАВААТ МАКЕДОНСКАТА ВЛАДА, БАРА ДИПЛОМАТСКИОТ СИНДИКАТПремиерот Емил Димитриев и министерот за надворешни работи Никола Попоски, кои се истовремено и пратеници, во друштво на пратениците Антонијо Милошоски и Илија Димовски, ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и скопскиот градончалник Коце Трајановски на митинг на ВМРО-ДПМНЕ на 16 октомври во салата „Борис Трајковски“. (Фото: СДК.МК)

    Синдикатот на Македонската дипломатска служба побара од ЕУ и НАТО да го разгледаат статусот и легимитетот на владата на Емил Димитриев и со соодветен третнам кон истата да придонесат за враќање на правниот поредок во земјава. Во отвореното обраќање до Евроатлантската заедница, Дипломатскиот синдикат вели дека премиерот Емил Димитриев беше поставен за „Претседател на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите“ и по објавувањето на официјалните резултати од изборите одржани на 11 декември 2016 година тој веќе не е премиер на Република Македонија.

    „Изразуваме надеж и очекување дека Евроатлантската заедница ќе го разгледа статусот и легитимитетот на ваквата, во моментот сè уште актуелна власт во Македонија, и со соодветниот третман кон истата ќе се постави во функција на враќање на правниот поредок во Република Македонија, на надминување на севкупната криза и со тоа и на продолжување на евро- атлантските интегративни процеси на Република Македонија“ велат од Синдикатот на Македонската дипломатска служба.

    Оттаму потсетуваат дека „и по бројните посети на високи претставници на Европската Унија, Европскиот Парламент и НАТО, македонскиот политички врв во заминување не отстапува од намерата да ја предаде власта на мирен, демократски и пристоен начин“.

    Синдикатот на Македонската дипломатска служба смета дека е неопходно и да се промени третманот кон пратениците, кои, како што велат од Синдикатот, ги имаат узурпирано министерските позиции, а тоа покрај пратеникот Попоски се и поранешните министри за здравство Тодоров и за култура Канческа-Милевска, но и премиерот Емил Димитриев.

    „Само најнов пример е подготовката на Александар Николоски за упатување на функцијата амбасадор на Република Македонија во Брисел и тоа ни помалку ни повеќе туку за шеф на македонската Мисија при ЕУ!!! Со тоа, не само што се продолжува со привидот на ‘нормалност’, значи наводна легалност и легитимност, туку и се прекршува базичниот принцип на кредибилитет зацртан и во Виенската конвенција за дипломатски односи. Имено, се работи за нелегитимна власт која надвор од пропишаните процедура определува амбасадор и шеф на дипломатско претставништво“, посочуваат од Дипломатскиот синдикат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира