ЕУ ПОДГОТВЕНА ДА ДАДЕ ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕГОВОРИ АКО ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СЛУЧАТ ДРАМАТИЧНИ ПРОМЕНИ

    ЕУ ПОДГОТВЕНА ДА ДАДЕ ПРЕПОРАКА ЗА ПРЕГОВОРИ АКО ВО МАКЕДОНИЈА СЕ СЛУЧАТ ДРАМАТИЧНИ ПРОМЕНИВо Стратегијата за Западен Балкан децидно е наведено дека нема влез во ЕУ без решени билатерални спорови. Премиерот Зоран Заев и Високата претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ Федерика Могерини во Брисел на 24 мај 2017 година (Фото:СДК.МК)

    Европската комисија е подготвена да даде препорака за отпочнување на преговорите за  влез во Европската унија на Албанија и Македонија по исполнување на поставените услови.

    Во Стратегијата за проширување на Европската унија со шест земји од Западен Балкан која беше објавена вчера, стои дека Македонија прави значаен прогрес и Комисијата е подготвена да даде препорака за почнување на преговори за членство.

    Наведено е дека нема влез во ЕУ без решени билатерални спорови, и дека приклучување во Унијата е  избор.

    „Напредокот на европскиот пат е објективен и зависи од индивидуалните заслуги, кои се поврзани со конкретни резултатите постигнати од секоја земја подделно“, се наведува во Стратегијата.

    Европската унија ќе прими нови членки, дури откако тие ќе ги спроведат неопходните реформи и да го зајакнат владеењето на правото, унапредување на човековите права и доброто управување со државата.

    Стратегијата за проширување на ЕУ се однесува за Србија, Црна Гора, Македонија, Албанија, Косово и Босна и Херцеговина.

    Во документот се наведени шест чекори што ќе ги преземе Европската унија до 2025 година за да ги поддржи напорите за трансформација на земјите од Западен Балкан кои ќе имаат меѓусебна корист.

    „Судските реформи, борбата против корупцијата и организираниот криминал и зајакнувањето на јавната администрација,  функционирањето на  државните институции мора да биде сериозно подобрено. Економските реформи мораат да бидат енергично спроведени и насочени кон структурните слабости, недостигот на конкурентност и намалување на стапката на невработеност. Сите отворени прашања од минатото и проблеми околу границите кои ги имаат земјите од Западен Балкан треба да се затворат“, пишува во Стратегијата.

    Другите иницијативи се однесуваат на  унапредување на безбедноста и миграцијата со формирање на заеднички тимови и граничната служба на ЕУ,  општествено- економскиот развој, транспортот и енергетиката и дигиталната агенда, кои опфаќаат намалувањето на цените на роамингот и воведување на брз интернет.

    Федерика Могерини, висок претставник на ЕУ за надворешна политика на вчерашното објавување на Стратегијата за Западен Балкан во Стразбур, рече дека влезот на шест земји од Западен Балкан до 2025 година е премногу амбициозен, но, остварлив план.

    „За такво нешто да се постигне потребно е во земјите да се случат драматични промени и значително забрзување на реформите“, рече Могерини.

    Во уводот на Стратегијата пишува дека „денес, земјите од Западен Балкан покажуваат јасни елементи на државно заробување, со вклучување на врски со организираниот криминал и корупцијата на сите нивоа на власт и во администрацијата, силно мешање на јавниот со приватниот интерес, што кај граѓаните предизвикува чувството на неказнивост и нееднаквост“. Се наведува дека исто така постои „големо мешање на политиката во  контролата на медиумите, и дека судовите треба да бидат независни“.

    Како втора критична точка,  е наведено дека во ниту една земја  од Западен Балкан нема функционална пазарна економија, ниту пак имаат капацитет да се справат со конкуренцијата од ЕУ.

    Трето прашање кое мора да биде затворено пред влезот во ЕУ се билатералните спорови од минатото и за границите меѓу земјите од Западен Балкан.

    Децидно во Стратегијата е наведено дека нема влез во ЕУ без решени билатерални спорови, и дека приклучување во Унијата е  избор.

    „Напредокот на европскиот пат е објективен и зависи од индивидуалните заслуги, кои се поврзани со конкретни резултатите постигнати од секоја земја подделно“, се наведува во Стратегијата.

    Г.ТРПЕНОСКИ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира