Постигнат е консензус во ЕУ за одлука за почнување преговори со Република Северна Македонија – безусловна и со барање за одржување на првата меѓувладина конференција веднаш по одобрување на преговарачката рамка, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.
Османи рече дека се очекува одлуката денеска да се потврди, а на 24 март да се официјализира од министрите за Европа и за надворешни работи на Советот за општи работи на Европската унија (ГАК), а потоа и на самитот на лидерите на ЕУ предвиден за 26 март во вид на видеоконференција.
„Ова е исклучително добра вест, не само затоа што претставува постигнување на консензус од сите 27 земји членки по сите разлики кои постоеја во последните 15 години и навистина претставува историски момент за државата. Сепак, денеска и во наредните денови треба истата и формално да се потврди, изјави Османи.
Позитивната вест од Брисел, како што рече Османи, доаѓа по средбата на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ на која било разговарано и за проширувањето.