Вечерва околу 19 часот евакуиран е ТЦ „Сити мол“ откако во Министерството за внатрешни работи стигнала закана за поставени бомби.
„На електронската адреса на Министерството за внатрешни работи е добиена порака со закана дека во трговскиот центар ‘Сити мол‘ во Скопје се поставени експлозивни направи. Полициски службеници преземаат мерки и вршат проверки“, велат од МВР.
По извршените проверки од страна на полициски службеници во внатрешноста и околу објектот, утврдено е дека станува збор за лажна дојава за поставени бомби.
Граѓани кои попладнево биле во „Сити мол“ велат дека луѓето панично трчале кон излезите, а редарите ги пуштале оние кои биле паркирани да излезат од трговскиот центар бесплатно.
„Бевме да го гледаме филмот за Мајкл Џексон и некаде во првата третина од филмот дојде одговорен од киното и ни рече брзо да ја напуштиме салата затоа што имаат наредба за евакуација“, ни рече една скопјанка која во моментов се нашла во киното Синеплекс.
М. ЏАРОВСКА



