Завршена е евакуацијата на сите македонски државјани од земјите на Блискиот Исток кои побарале да се вратат дома, соопшти МНР.
„Со последниот, петти лет што вчера слета на Меѓународниот аеродром во Скопје, евакуирани се вкупно 147 патници, од кои 119 македонски државјани и 28 странски државјани. Станува збор за организирани чартер летови, при што сите трошоци за нивната реализација се на товар на државата“, велат од МНР.
Со реализацијата на овие летови, вкупниот број евакуирани македонски државјани е 605.
Министерството нагласи дека безбедноста на граѓаните е највисок приоритет, што се потврдува и со фактот дека евакуацијата на сите македонски државјани кои изразија интерес за враќање во земјата е целосно завршена.
Дежурниот СОС телефонски број, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва, и понатаму остануваат на располагање.



