Горанчо Ангеловски од Петровец денеска сведочеше во случајот „Талир” за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ дека ѝ уплаќал пари на партијата, на име донација. Плаќал во штабот на партијата во Петровец. И во банка рече сум уплаќал, како членарина.
„Кој ви ги даде овие пари?“, го праша обвинителката Ленче Ристоска.
„Од штабот ми ги дадоа, беа тоа пари од собрана членарина. Поимот штаб подразбира општински штаб”, одговараше тој на прашања.
„Како течеше уплатата на овие пари во банка?“, потпраша обвинителката.
„Со тие пари имаше и уплатници. Во коверт беа уплатниците, парите и пресметаната провизија за средствата што се уплаќаат”, одговори сведокот како членарините станувале донации.
Потоа Ристоска му ги предочи уплатниците во оригинал.
„Да, сумата е моја, а потписот не“, искоментира сведокот.
„Дали ракописот е ваш?“, допраша судијата Осман Шабани.
„Не“, одговори сведокот.
Одбраната забележа дека нивни приговор не им го внесува судијата во записник и оти ваквиот начин на водење на постапката, ќе заврши во Стразбур.
„Еве ви го цедето од судењето, пуштете им го во Стразбур, слободно, нека гледаат. Јас ќе си донесам моја одлука, законита“, рече судијата Шабани.
Зад сведокот и зад обвинителката Ристоска седнат беше обвинетиот Леко Ристовски, благајникот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Престанете да дофрлувате!”, му рече Ристоска.
„Што мислите, зошто е седнат позади сведокот? Да шепка и да му дофрла. Така беше и на минатото рочиште. Се опоменува обвинетиот Леко Ристовски дека уште еден збор ако дофрли, ќе биде отстранет од судницата”, рече судијата Османи.
Потоа и одбраната прашуваше во вкрстени прашања:
„Што уплативте, членарина или донација?”
„Членарина“, одговори сведокот.
„На која сума?“, беше прашан сведокот.
„Не знам, зашто беа во коверт“, одговори тој.
Судијата Шабани допраша:
„Во колку наврати лично вие уплативте членарина?“
„Мене членарината ми се одбиваше од плата. Околу 160 денари месечно“, рече сведокот.
„А на име донација колку и кога сте уплатиле?“, прашуваше судијата за да се разјаснат работите.
„Уплатив во 2015 година 20.000 денари на име донација”, одговори сведокот Горанчо.
Сведокот Сотир Петковски, пак, кога обвинителката му ја предочи уплатницата со негови податоци, тој кажа дека никогаш не донирал за ВМРО-ДПМНЕ, ниту бил нејзин член. Рече и дека ниту ракописот е негов, а податоците се негови, што тој не ги напишал.
Во случајот „Талир″ за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинети се Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска, која призна вина и доби условна затворска казна.
Според обвинението, тие незаконски прибрале најмалку 4,6 милиони евра за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро-сметката на партијата преку уплатници на разни луѓе.
С. К. ДЕЛЕВСКА