ЕВЕ ВИЕ КОНТРОЛИРАЈТЕ ЈА ИЗГРАДБАТА НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР, САМО ПОВЛЕЧЕТЕ ГИ ПОДНЕСЕНИТЕ 2.000 АМАНДМАНИ, ЈА ПОВИКА ФИЛИПЧЕ ВМРО-ДПМНЕ

    ЕВЕ ВИЕ КОНТРОЛИРАЈТЕ ЈА ИЗГРАДБАТА НА КЛИНИЧКИОТ ЦЕНТАР, САМО ПОВЛЕЧЕТЕ ГИ ПОДНЕСЕНИТЕ 2.000 АМАНДМАНИ, ЈА ПОВИКА ФИЛИПЧЕ ВМРО-ДПМНЕФилипче предлага пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ја водат собраниската комисија, токму тие да ја надгледуваат и контролираат изведбата на новиот Клинички центар. (Фото: Влада)

    Министерот за здравство Венко Филипче денеска ја повика опозицијата да ги повлече поднесените 2.000 амандмани за Законот за нов Клинички центар, а во замена за тоа, опозицијата да ги контролира изведбата на градежните активности, трошењето пари и целата постапка.

    „Ако опозицијата не го прифати ова ќе биде јасно дека воопшто не станува збор за нивна недоверба или желба за унапредување на проектот, туку едноставно стратегија за блокади и неконструктивност која веќе предолго трае“, напиша денеска Филипче на Фејсбук профилот.

    Конкретно, тој предлага пратениците од ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ја водат собраниската комисија, токму тие да ја надгледуваат и контролираат изведбата на новиот Клинички центар.

    „Ние ќе бидеме тука како Министерството за здравство да ги поддржиме, а тие нека го контролираат процесот на изведба и на секој аспект од проектот. Не бегаме од ништо се е отворено и транспарентно, ајде еднаш да покажеме дека можеме заедно да направиме нешто за граѓаните“, повика министерот.

    Во спротивно, вели, амандманите на опозицијата се поднесени за намерно се блокира изградбата на новиот Клинички центар.
    Амандманите, опозицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, ги поднесе пред околу две недели. За партијата спорна е локацијата на огромниот комплекс, немањето финансиска рамка колку би чинела сумата за изградбата, што ги наведува на сомневање за криминал од страна на власта, како и тоа дека се сака по скратена постапка без поширока дебата законот да биде изгласан во Собранието.

    ВМРО-ДПМНЕ веднаш го одби предлогот на Филипче.

    „ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува во криминал и грабеж. Бидејќи СДСМ се фали дека има стабилно мнозинство можат да го поминат законот, но да знаат дека ќе одговараат за секое украдено евро потоа“, соопштија од партијата.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира