Премиерот Христијан Мицкоски, во обраќањето по повод 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа, кажа дека интеграцијата во Европската Унија претставува единствената иднина и шанса за успех на државата.
„Ние верувавме во тоа и сè уште веруваме дека Европа е нашиот единствен пат. Нашата татковина нема друга иднина и шанса за успех освен интеграцијата во Европската Унија“, изјави Мицкоски.
Тој смета дека европското обединување не е само политички проект на администрацијата, туку цивилизациски завет за мир и солидарност меѓу народите, заснован на правила кои треба да важат еднакво за сите.
Мицкоски рече дека земјата сè уште верува во европскиот пат, иако постои горко искуство од бројни препреки и неразумни спорови кои предизвикуваат длабока фрустрација. Според него, принципите честопати се кршат на штета на оние кои бараат праведна шанса, додека истовремено се забележува рамнодушност кај поголемите држави кон неправедните епизоди низ кои поминуваат македонскиот народ и држава.
За премиерот, Европа не претставува само географија, туку систем на вредности кој вклучува верба во човековото достоинство, демократијата, владеењето на правото и почитта кон различностите. Тој смета дека во време на глобални предизвици, војни и радикализам, должност на државата е да биде глас на разумот и стабилноста преку дијалог кој води кон трајни решенија, а не кон нови товари за идните генерации.
Во однос на зачувувањето на државните интереси, Мицкоски изјави дека нема да дозволи пазар со македонскиот идентитет и достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки. Тој вели дека честа нема цена и дека неговите позиции се насочени кон заштита на заедничката татковина, без преземање чекори што би нанеле каква било штета на националните основи.



