Двете европски организации, Европа Ностра и Европската инвестициска банка (ЕИБ), објавија технички извештај за реконструкцијата на зградата на Централната пошта во Скопје, и ги повикуваат македонските институции да конкурираат за грант за почеток на процесот. Но, велат, апликација за грант сѐ уште не е стигната.
Во 2021, зградата на Централната пошта во Скопје се најде на листата на 7 најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка . Уште тогаш тие објавија дека секој од загрозените споменици на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.
Поштата за влез на листата беше номинирана од скопскиот Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергија (ИЕГЕ).
- ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА ПОШТА ЗА ЗАГРОЗЕН СПОМЕНИК Е СОС АЛАРМ ДО ВЛАДАТА, НО И ДО МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР
- ЗГРАДАТА НА ЦЕНТРАЛНАТА ПОШТА ВО СКОПЈЕ ВЛЕЗЕ НА ЛИСТАТА 7 НАЈЗАГРОЗЕНИ СПОМЕНИЦИ ВО ЕВРОПА
Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.
Во Техничкиот извештај кој го објавија вчера, во знак на чествувањето на 60-годишнината од скопскиот земјотрес, двете европски организации ја потенцираат важноста на реставрацијата на оваа значајна градба од архитектонско наследство, за која, велат, дека е одамна задоцнета.
„Нејзината реставрација не само што ќе ја подобри врската со градот, туку и ќе обезбеди место за културни и социјални настани, од корист на локалната заедница. За да се обезбеди успешно зачувување на зградата, експертите советуваат да се спроведат низа активности и ефикасно да се управуваат овие процеси. Нивните препораки опфаќаат различни аспекти, вклучувајќи анализи за ефикасна координација и управување, рехабилитација, физибилити истражувања, мерки за конзервација и оперативни процедури на зградата“, стои меѓудругото во извештајот.
Техничкиот извештај беше составен врз основа на серија онлајн и состаноци во живо помеѓу 29 мај и 1 јуни 2023 година. Тимот составен од Питер Бонд и Марио Ајмерих, технички консултанти од Институтот и Греам Бел, член на Советодавниот панел на Европа, соработуваше со локалната делегација, координативниот тим на Пошта, вклучително и предлагачите од Централната пошта Сузана Касовска-Георгиева, Благица Стојчевска, д-р Георги Георгиев и Константин Димитровски.
Извештајот нуди препораки за конзервација, интеграција на зградата, општи операции и одржување.
„По нејзиното вклучување во 7-те најзагрозени програми, Централната пошта е ставена како ‘заштитено наследство’ на земјата, покажувајќи напредок кон негова заштита. Експертите проценуваат дека вкупните трошоци за рехабилитација може да бидат од редот на 10 милиони евра со минимално времетраење на работа од три години. Тие ја нагласуваат важноста од навремено назначување работна група или проект менаџер за унапредување на различните активности и координирање на донесувањето одлуки, вклучително и ефективно искористување на грантот од ЕИБ“, стои во извештајот.
САКАМДАКАЖАМ вчера побара одговор од Бјорн Габриел од Европската инвестицска банка, дали извештајот подразбира дека парите веднаш ќе се дадат и кој е македонски партнер за целиот проект.
Тој вели дека самата номинација на Поштата на листата на 7 најзагрозени објекти, предвидува подготовка на оваа експертска студија.
„Засегнатите локални страни сега имаат можност да аплицираат за мал грант за наследство. Овој грант има за цел да помогне да се воспостави процес на координација и да се подигне понатамошната свест за проектот кај донаторите и можните идни финансиери. Апликацијата ќе бара засегнатите страни и властите да се договорат за тоа кој ќе ја има водечката одговорност за каква било потенцијална идна реставрација. Сè уште не е стигната апликација. Што се однесува до трошоците за вистинската реставрација, во оваа фаза, износот наведен во извештајот е само проценка на високо ниво. Таквите трошоци зависат од идното користење на зградата и во моментов не се предвидени да бидат покриени од Институтот ЕИБ или кој било друг субјект. Така, накратко, како следен чекор, треба да се постигне договор за водечката улога меѓу инститициите во Македонија во водењето на процесот на реставрација и врз основа на тоа, грантот за наследство може да се бара за да се поттикне долгорочен процес“, ни рече Габриел.
САКАМДАКАЖАМ се обиде да стапи во контакт и со дел од одговорните од македонска страна, но не успеавме да добиеме одговор кога ќе се аплицира за грантот и кои се следни чекори во иднина.
„Централната пошта, дизајнирана од македонскиот архитект Јанко Константинов, е една од најубавите градби што излегле од урнатините на разорниот земјотрес во 1963 година. Денес, централната канцеларија на Поштата е во урнатини и е отворена за временски непогоди. Како што ја одбележуваме 60-годишнината од земјотресот, време е да преземеме акција за заштита на ова ремек-дело на модернизмот, давајќи му нов живот и зачувувајќи го како почит на оние што го обновиле овој град и симбол на надежта и визијата за иднината. Благодарение на работата на Европа Ностра и Институтот на Европската инвестициска банка, властите сега треба да достават технички извештај заедно со препораки за патот напред“, изјави евроамбасадаорот Дејвид Гир.
Б. НЕСТОРОСКА