ИЗГОРЕНАТА КУЛТНА ШАЛТЕР САЛА НА СКОПСКАТА ПОШТА ЌЕ СТАНЕ КУЛТУРЕН ЦЕНТАР

    ИЗГОРЕНАТА КУЛТНА ШАЛТЕР САЛА НА СКОПСКАТА ПОШТА ЌЕ СТАНЕ КУЛТУРЕН ЦЕНТАРЦелиот комплекс на Пошта на Северна Македонија претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сала без шалтери и луѓе е денешната слика на култната Шалтер сала во Поштата во Скопје, која изгоре во големиот пожар во 2013, но таа ќе се обнови како архитектонско наследство и ќе ѝ се врати сјајот, велат директорот Јани Макрадули и претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) проф. д-р Мишко Ралев.

    Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје,  претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Шалтер салата, за која Ралев вели дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во 1974. Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

    Шалтер салата во минатото. (Фото: Архива на Пошта)

    Благица Стојчевска, раководителка на Самостојна служба за градежништво и инвестиции во АД Пошта на Северна Македонија, вели дека во последните година-две интензивно работат на валоризација на опожарениот објект Шалтер сала на Централната пошта во Скопје, негова категоризација како заштитено културно наследство на државата и создавање и изноѓање на можности за негово обновување и повторно заживување.

    „Целта е објектот да ја добие вредноста која ја заслужува, повторно да блесне во сиот свој сјај и конечно да биде вратен во функција на граѓаните и идните генерации“, вели Стојчевска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Објектот е значаен и како симбол на постземјотресниот отпор и издржливост, но и како значаен идентитетски симбол на Скопје и македонскиот народ; – Шалтер салата денес. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Исклучително моќната структура е изработена од армиран бетон, во форма на цвет на лотос и објектот може стилски да се опише како бруталистички, и е еден од најсилните обележја на модернизмот во светски рамки. Изграден е да служи како административна шалтерска сала за Телекомуникацискиот и Поштенски центар на Македонија. Неговата форма беше наменета да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963.

    Авторот на Пошта Константинов, после дипломирањето на Архитектонскиот факултет во Белград заминува на стручно усовршување во земјите од Западна Европа и САД, работејќи помеѓу другите и со легендарниот фински архитект и дизајнер Алвар Аалто како и со американскиот архитект Виктор Груен – татко на современите „шопинг молови“.

    „Знаењето насобрано од странство тој обилно го користи во Македонија учествувајќи со бројни проекти од типологијата на јавни објекти во поземјотресната изградба на Скопје. Врв на неговото творештво, со кое на одреден начин и завршува брутализмот во Скопје и Македонија, е Шалтер салата која на некој начин и отскокнува од другите објекти со својот архитектонски израз и јазик кој се одликува со експресивна скулптуралност. Објектите на Пошта се публикувани во голем број списанија и весници во Југославија, а исто така и во престижното француско списание Архитектурата денес. Неговите дела беа изложени и во МоМА Њујорк“, вели професорот Ралев.

    Влезот на Поштата во минатото. (Фото: Архива на Пошта)

    Стојчевска вели дека како последица на големиот пожар во 2013, оригиналниот покрив од стаклени куполи и помали ламеларни површини е целосно уништен, исто како и највеличествениот елемент и ремек-дело во обработката на внатрешноста на објектот – фреските на големиот уметник Борко Лазески, кои исто како и опремата и специјално дизајнираното осветлување беа целосно уништени.

    Оригиналниот покрив од стаклени куполи и помали ламеларни површини е целосно уништен. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „За да може овој објект и бисер од архитектонското наследство да се пренесе на следните генерации, итно има потреба од негова обнова и реконструкција. Оваа зграда, вклучувајќи ги и нејзините главни ентериери и ѕидни обработки, секојдневно е сѐповеќе загрозена поради ненавремената санација на последиците од пожарот, моментално нема можност за нејзина употреба а постои и присуството на поткопување од ерозијата на подземните води поради близината на реката Вардар. Но, најзагрижувачка е нејзината изложеност на директни атмосферски влијанија бидејќи е целосно без затворен покрив, поради што дождот и снегот продираат во целата нејзина внатрешност. Овој извонреден пример на експресивната и скулптурална архитектура на 20. век е од витално значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж во срцето на Скопје, како и за културното наследство на Европа и пошироко. Објектот е значаен и како симбол на постземјотресниот отпор и издржливост, но и како значаен идентитетски симбол на Скопје и македонскиот народ. Поради тоа, нејзината обнова за АД ‘Пошта на Северна Македонија’ Скопје е врвен приоритет“, потенцира Стојчевска.

    Ралев вели дека е многу важно детектираните објекти да останат во јавна сопственост за да не дојде до нивно приватизирање или пренамена која не соодветствува на нивното културолошко значење. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Пошта и Асоцијацијата на архитекти на крајот на минатата година потпишаа договор за долгорочна стручна соработка заради враќање на култната Шалтер сала во полн сјај. Според професорот Ралев, тоа подразбира учество во стручни и јавни расправи, давање експертизи и рецензии за проекти од областа на архитектурата, урбанизмот, просторното планирање, културата и културното наследство.

    Ралев нагласува дека е многу важно детектираните објекти да останат во јавна сопственост за да не дојде до нивно приватизирање или пренамена која не соодветствува на нивното културолошко значење.

    Зградата на Централната пошта во Скопје е во потесниот избор на 12. најзагрозени споменици во Европа од кои ќе се изберат 7-те најзагрозени за 2021. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За обновата да се реализира, Стојчевска вели дека најприоритетно ќе биде да се заврши процесот на валоризација на објектот како заштитено културно наследство започнат во февруари 2019, кога е поднесено нивното барање за изработка на Елаборат за валоризација до надлежните институции Национален конзерваторски центар и Управата за заштита на културното наследство при Министерството на култура.

    „Од наша страна е дополнително побарано со доставени ургенции овој процес да се забрза и интензивира, што и е направено од нивна страна, односно овој процес е речиси во завршна фаза. Ова е повеќе од нужно за да може да се разработи план за сеопфатното долгорочно финансирање на планираните реализации, односно да се изготви план за финансирање со помош на сите национални релевантни иституци, но и со помош на вонинституционалната подршка и пошироката јавност, како домашна, така и меѓународната, сѐ со цел остварување на нашата намера овој објект да се врати на граѓаните и пренесе на идните генерации“, кажа Стојчевска.

    „Прв чекор во оваа акција е да се воспостави комуникација помеѓу институциите на управа (локална – Град Скопје, или државна – Министерство за транспорт и Министерство за култура), Пошта на Северна Македонија и ААМ за да се дефинира пренамената. Во меѓувреме, одговорните институции како Управата за заштита, Градскиот завод за заштита да отпочнат со дефинирање на постојната состојба, подготовка на техничка документација за ревитализација“, рече претседателот на ААМ.

    Стојчевска вели дека ќе се разработи Концепт за функционален развој како дел од Концептот за трајно зачувување.

    „Пред сето ова воопшто да започне да се планира и реализира, ќе се изврши функционално преиспитување на просторните можности и одредување на новата намена на објектот, која би била определена преку спроведени јавни и отворени дискусии и дебати со експертската, стручна академска и културна јавност, како и со други релевантни општествени и институционални чинители, истакнати професионалци, фирми и поединци, можни нови домашни и странски инвеститори кои би биле спремни да вложат свои инвестиции во обновата на објектот, која намена секако ќе треба да биде одобрена и од менаџментот на Друштвото и од страна на Владата како негов основач и сопственик“, вели Стојчевска.

    Пренамената, според меѓународните практики, пред сѐ се однесува на културни функции и содржини кои му се потребни на Скопје во неговата намера да се кандидира за „Европски град на културата“.

    Најзагрижувачка е нејзината изложеност на директни атмосферски влијанија бидејќи е целосно без затворен покрив, поради што дождот и снегот продираат во целата нејзина внатрешност. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Зградата на Централната пошта во Скопје лани во декември влезе во потесниот избор на 12. најзагрозени споменици во Европа, од кој ќе се изберат 7-те најзагрозени за 2021. Финалната листа ќе биде објавена овој месец, а Стојчевска вели дека ја очекуваат со големо нетрпение.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира