ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА ПОШТА ЗА ЗАГРОЗЕН СПОМЕНИК Е СОС АЛАРМ ДО ВЛАДАТА, НО И ДО МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИР

    ПРОГЛАСУВАЊЕТО НА ПОШТА ЗА ЗАГРОЗЕН СПОМЕНИК Е СОС АЛАРМ ДО ВЛАДАТА, НО И ДО МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ГИРОбјектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Влегувањето на Централната пошта во Скопје на листа на 7 најзагрозени споменици во Европа за 2021 е испраќање на СОС аларм до сите, до Владата, граѓанското општество, до бизнис заедницата, до меѓународната заедница да делуваат со цел да ја спасат оваа знаменитост, рече денеска евроамбасадорот Дејвид Гир.

    Листата, што ја составува европската организација Европа Ностра и Европската инвестициска банка (ЕИБ), беше објавена синоќа, а покрај нашата Пошта на неа се уште 6 споменици и локалитети на културно наследство во Австрија, Хрватска, Грција, Италија, Косово и Шпанија. Секој од загрозените спомениците на листата ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување.

    „Немав дилема дали просторот место заборавен, да биде отворен и вратен. Процесот на враќање на сјајот на оваа архитектонска гордост на градот и на целата земја, од денес започнува. Не смееме да дозволиме нашата негрижа да биде пострашна од пожарот“, кажа директорот на Пошта, Јани Макрадули.

    Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов. (Фото: Ѓ. Личовски)

    И Поштата, која за влез на листата беше номинирана од скопскиот Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергија (ИЕГЕ), како и другите шест загорезени споменци ќе добијат експертска помош од Европа Ностра и ЕИБ како и совети за мобилизација и на меѓународна помош и за идни активности.

    „Поштата никна од рушевините на катастрофалниот земјотрес во 1963, и е дело на имагинација на Јанко Константинов, но и на смелост, скапоцен камен. Денес е празна и запоставена, од таа причина е потребна акција. Но, тоа зависи од сите нас, колкава акција ќе преземеме. Ова им го должиме на нашите родители, и на идните генерации“, рече Гир.

    Целиот комплекс на Пошта на Северна Македонија, на кејот на Вардар во строгиот центар на Скопје, претставува вредно архитектонско дело на познатиот македонски и југословенски архитект Јанко Константинов (1926-2010). Шалтер салата, за која претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) проф. д-р Мишко Ралев вели дека е врв на творештвото на Константинов, е изградена во 1974. Објектот претрпе голем пожар во 2013 и како последица на тоа, оригиналната површина на куполата и фреските од Борко Лазески, како и опремата и осветлувањето, беа целосно уништени.

    Опожарениот објект Шалтер сала на Централната пошта во Скопје. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Исклучително моќната структура е изработена од армиран бетон, во форма на цвет на лотос и објектот може стилски да се опише како бруталистички, и е еден од најсилните обележја на модернизмот во светски рамки. Изграден е да служи како административна шалтерска сала за Телекомуникацискиот и Поштенски центар на Македонија. Неговата форма беше наменета да го симболизира подигнувањето и реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што целосно го разурна во 1963.

    Благица Стојчевска, раководителка на Самостојна служба за градежништво и инвестиции во АД Пошта на Северна Македонија, вели дека во последните година-две интензивно работат на валоризација на опожарениот објект Шалтер сала на Централната пошта во Скопје, негова категоризација како заштитено културно наследство на државата и создавање и изноѓање на можности за негово обновување и повторно заживување.

    „Целта е објектот да ја добие вредноста која ја заслужува, повторно да блесне во сиот свој сјај и конечно да биде вратен во функција на граѓаните и идните генерации“, рече Стојчевска минатиот месец за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира