„Ние сме опколени од членки на ЕУ и затоа логично е да се прими Западен Балкан во европското семејство на нации колку што е можно побрзо. Тоа е политички, економски, но и стратешки исправна одлука. Тоа е за наше добро и за добро на ЕУ. Во ова време ова подеднакво треба да биде важно на нашата агенда како и на агендата на ЕУ. Затоа, сакам повторно да ги повикам нашите европски партнери да почнат преговори со Македонија и Албанија колку што е можно поскоро, бидејќи тоа е исправно“, кажа премиерката на Србија, Ана Брнабиќ на Преспа форумот за дијалог во Охрид.
Според неа, 65 години после Римскиот договор, не може да се каже дека Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана без целосна интеграција на Западен Балкан.
„Србија им дава стопроцентна поддршка на сите наши партнери во регионот да продолжат со преговорите колку што е можно побрзо. Ако ги оставиме перцепциите на страна, јасно е дека ЕУ и регионот се таму каде што е нашето срце, каде што се нашите интереси и политички и економски“, рече Брнабиќ.
Зборувајќи за значењето на Отворен Балкан како економски многу важен проект, ги повика сите од регионот кои не се дел од него да се приклучат на иницијативата.
„Мислам дека тоа ќе влијае на нашите економии со зголемување на нашиот свекупен БДП од над 7 процени. Тоа е уникатна можност. Ако останеме како што сме сега Албанија, Македонија и Србија, ќе биде од 1 до 3 проценти. Се надевам дека и другите ќе го препознаат потенцијалот на Отворен Балкан и ќе ни се придружат. Важен е и политички, затоа што ќе им даде сигнал на нашите партнери од ЕУ дека кога ние самите ќе се здружиме ќе правиме работи кои ќе бидат барани од нас кога ќе се зачлениме во ЕУ. Намалување на бирократијата, градење на Балкан без граници, слободен проток на луѓе, стока и капитал и на крај, најважната работа, ќе покаже на младите дека ние денес како политичари можеме да создадеме различна иднина и дека и можат да останат на Западен Балкан“, рече Брнабиќ.
За признавањето на Косово како услов Србија да може да се надева да стане членка на ЕУ, Брнабиќ кажа дека тоа не е став на Унијата.
„Во официјалниот став на ЕУ нема ниту еден збор за потребата да се признае Косово“, рече Брнабиќ.
С. ВРЕНЦОВСКА