Македонија има двојно помалку пожарникари од законски предвидените норми, а недостига и опрема и возила. Во моментот има 34 единици за противпожарна заштита што се наоѓаат во 34 општини, но ги покриват сите 80 општини, вклучително и Град Скопје, како 81 посебна единица на локална самоуправа.
„Во моментов, во земјата имаме помалку од 400 пожарникари во сите единици на противпожарна заштита, иако согласно закон бројот треба да биде поголем од 800“, вели извршната директорка на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Душица Перишиќ за Дојче веле и додава дека законот е јасен – на 1.500 жители во Македонија треба да има по еден пожарникар.
„Тоа е првата и најголемата болка која што ја имаме во општините“, вели Перишиќ.
Дел од пожарникарите работат со стари возила и стара опрема, а не постои ниту тренинг центар за обука за новите и старите пожарникари.
„Мора да видите каква разноликост постои во нашите противпожарни единици кои имаат возила од 1950-тите години, нешто што останало од стариот систем, кои ги поправаат и се трудат да направат со нив што поуспешна работа. Разни донаторски организации и амбасади се обидуваат да ни помогнат, кои ни даваат возила и опрема кои се со различен метрички систем“, вели таа.
За опремата за пожарникарите, секоја општина се обидува да се снајде на свој начин, да им обезбеди нови чизми, пожарникарски одела и се што ќе им треба за нивните акции.
„Имаме многу лошо опремени пожарникари“, вели Перишиќ.
Сето ова го увиделе и странските амбасади и донаторските организации, коишто имале средба на која учествувале и од ЗЕЛС. Перишиќ вели дека до сите 34 општини кои имаат свои противпожрани единици испратиле прашања за тоа што им недостига, а следниот состанок за координација е во септември.
„Сите треба да се организираме и да ја направиме оваа ситуација да биде подобра, бидејќи луѓето кои работат во противпожараните единици многу често ги жртвуваат своите животи, своето здравје обидувајќи се да не спасат сите нас“, рече Перишиќ на конференција за заштита на објекти од пожар што се одржа во Стопанската комора.
Зборувајќи за големата трагедија во Кочани на 16 март, кога во пожарот во нелегалната дискотека „Пулс“ загинаа 62, а 200 с повредени, рече дека првите, најодговорните, кои постапија на време и спасија да не се случи да има многу поголема несреќа биле протвпожарните единици на Кочани и на околните општини, кои веднаш помогнале.
Ваквите предупредувања доаѓаат во екот на летото, кога се најавуваат и екстремни жештини. Македонија со години се соочува со недостиг на кадар, опрема и обуки за справување со евентуални огнени стихии.
На 30 мај, Владата објави дека за справување со пожарите во летниот период со Оперативниот план за 2025 предвидува вработување на 400 пожарникари, кои ќе се вработат во општините каде што има најмногу потреба.
Лани на 20 јуни, тогашниот директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов изјави дека земјава располага со 4 хеликоптери, ниту еден „ер трактор“ за справување со пожари, но има и голем недостиг на пожарникари. Од четирите хеликоптери, 3 се на Министерството за внатрешни работи (МВР) и еден е на Армијата. Армискиот хеликоптер е доста зафатен, рече тогаш Ангелов, но во сериозна ситуација би можело да се смета на него.
Тогаш тој потенцираше дека во земјава има 938 пожарникари, а недостасуваат уште 670. Просечната возраст на пожарникарите е 42,5 години, а најалармантна е состојбата во Скопската противпожарна бригада.
„Апелирам до сите градоначалници, кога се примаат пожарникари, да вработуваат млади и здрави лица, а не на 40, 50 години со здравствени проблеми“, рече тогаш Ангелов.
Истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) во 2023 година покажа дека на противпожарните служби во Македонија им недостигаат околу 340 пожарникари. Пожарите се гаснат со противпожарни возила коишто во просек се стари по 27 години, но има и градови каде пожарникарите со огнената стихија се борат со возила стари и над четири децении. Таква е ситуацијата во Валандово, каде што пожарите се гаснат со камион ТАМ од 1966 година, стар 57 години.
Пожарикарите со години водат битка за регулирање на нивниот статус, за повисоки плати и додатоци, соодветна опрема и заштита од ризиците со коишто се соочуваат секојдевно при извршувањето на работните задачи. Тие бараа исти бенефиции како војската и полицијата.