ФАТИМЕ ФЕТАИ ГО ИСКАРА ШВРГОВСКИ ДЕКА ДРЖИ ПРЕДАВАЊА ВО СУДНИЦА, АДВОКАТОТ ВАСИЛЕВ ВРАТИ:„ПА, ФАТИМЕ СКОКА“

    ФАТИМЕ ФЕТАИ ГО ИСКАРА ШВРГОВСКИ ДЕКА ДРЖИ ПРЕДАВАЊА ВО СУДНИЦА, АДВОКАТОТ ВАСИЛЕВ ВРАТИ:„ПА, ФАТИМЕ СКОКА“Од рочиштето за случајот „Титаник 2“ на СЈО на 6 јули годинава (Фото: СДК.МК)

    Откако дојде струја, попладнево продолжи судењето за случајот „Титаник 2“ за нерегуларности во Државната изборна комисија (ДИК) во 2013, но со кавги меѓу адвокатите и обвинителите од СЈО, околу теоријата за тоа што се вкрстени, а што директни прашања за сведоците. Директните прашања според законот, може да се поставуваат дури откако ќе се сврти еднаш кругот со сведоците, а вкрстените прашања се поставуваат веднаш, од исказот на сведокот на обвинителот.

    Обвинителката Фатиме Фетаи приговараше и му ги оспори сите поставени прашања на адвокатот Боро Тасевски, кој го брани Влатко Сајковски, поранешен член на ДИК и еден од обвинетите. Се вмеша и адвокатот на Сашо Срцев, Димитар Дангов, но и тој најави вкрстено, а постави директно прашање.

    Стана и Љупчо Шврговски, бранител на Сашо Мијалков, и рече дека може од одговорот на веќе поставени прашања да се постават нови, а не судијата на барање на обвинителот да не ги дозволува.

    Обвинителот Гаврил Бубевски, нервозен што се изгуби време на незнаењето што се директни, а што вкрстени прашања, се објаснуваше со Шврговски и во тој момент Фетаи го праша судот: „Зошто овде без даден збор од вас чесен суде, колегата Шврговски стана и ни држи предавања на сите?“.

    Тогаш стана другиот адвокат на Мијалков, Петар Василев, и кога Фетаи објаснуваше дека има право на приговор на прашањата од адвокатите, тој ѝкажа да престане да зборува, бидејќи му се обраќа на судијата.

    Судијата Огнен Ставрев го смируваше, а Василев рече: „Па, Фатиме скока!“

    По ова, Фетаи стана и му забележа на Василев дека „користи многу контаминиран речник“.

    Во случајот „Титаник 2“, за злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинети се поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Елизабета Стефанова и Влатко Сајковски од ВМРО-ДПМНЕ, кои без основ гласале да се поништи гласањето во првиот круг на локалните избори 2013 во Струмица, бидејќи Зоран Заев го победи Васил Пишев од ВМРО-ДПМНЕ. Гласањето било по наредба на обвинетиот Сашо Мијалков, за што веќе беа пуштени на преслушување бомби. Во бомбите, се слуша како тогашниот претседател на ДИК Борис Кондарко бара логика и причини за прегласувањето, но овие четири лица го надгласуваат.

    За злоупотреба на службената положба и овластувањата обвинет е и Мендух Тачи, како тогашен лидер на ДПА, која им беше опозиција на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, но на повик на Мијалков, како што се чу во бомбите, веднаш му се јавува на Бедредин Ибраими и му дава наредба да гласа за поништувањето на резултатите од гласањето во Струмица.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира