Специјалната обвинителката Фатиме Фетаи кога слушна денеска дека обвинетиот Милан Андоновски во случајот Шамари и насилство во Центар, по третпат не доаѓа на судење, побара мерка притвор против него. Претходните двапати не го оправдал отсуството, а денеска неговиот адвокат поднесе доказ од приватна лекарска ординација, која наведува дека имал ларингит. Му препорачува да нема физичка активност и му отвора боледување од 14 дена.
„Ако дојдеше денеска Андоновски во судница, немаше да има никаква физичка активност. Следниот пат ќе се разболе некој друг обвинет, бидејќи целта е да не почне ова судење никогаш“, кажа Фетаи.
Адвокатот се спротивстави на предлогот.
„Ако дојде во судница, нема да го тера никој да копа или да има друга физичка активност. Барем температура да ставеше во оправданието. Ларингит имаме половина од присутните во судницава. Да му се одреди притвор за непочитување на судот и на останатите обвинети и следниот пат да си биде спроведен со неговите амоксиклави што си ги пие тој и многумина во судницава во овој период на годината“, дополни обвинителот Гаврил Бубевски.
Ова е најстариот случај на СЈО. Година и пол не може да почне поради болести на обвинетите, процедурални блокади, смена на судија итн. Првообвинет е експремиерот Никола Груевски, а потоа и Миле Јанакиески, Даниела Рангелова и уште девет преостанати обвинети, зашто двајца веќе си ја признаа вината.
С. К. ДЕЛЕВСКА