ФИЛИПЧЕ И ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ СЕ ЗАПОЗНАЕНИ СО КОРОНАВИРУСОТ ВО ЗГРАДАТА НА МВР И ДЕЈСТВУВААТ, ЗАРАЗЕНИТЕ КЕЛНЕРИ НЕ ГО СЛУЖЕА КАБИНЕТОТ НА МИНИСТЕРОТ, ВЕЛИ ЧУЛЕВ

    ФИЛИПЧЕ И ЕПИДЕМИОЛОЗИТЕ СЕ ЗАПОЗНАЕНИ СО КОРОНАВИРУСОТ ВО ЗГРАДАТА НА МВР И ДЕЈСТВУВААТ, ЗАРАЗЕНИТЕ КЕЛНЕРИ НЕ ГО СЛУЖЕА КАБИНЕТОТ НА МИНИСТЕРОТ, ВЕЛИ ЧУЛЕВКабинетот на министерот за внатрешни работи се опслужува од другото бифе од вкупно две во зградата, вели Чулев (Фото: СДК.МК)

    Министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека не бил во контакт со двајцата келнери од бифето во министерската зграда во МВР, зашто за кабинетот на министерот има друго бифе. Практично, во централната зграда има две бифиња, едно за кабинетот и едно за останатите служби и вработени во зградата.

    Тој смирува и вели дека вработените во зградата не треба да бидат во паника, бидејќи и тој и дополнителната заменичка Славјанка Петровска ги известиле навреме министерот за здравство Венко Филипче и епидемиолозите, како за заразениот негов советник Мухамед Исмаили, така и за двајцата келнери.

    „Епидемиолозите ќе направат епидемиолошка анкета за можно ширење на вирусот и тие ќе одлучат кој од нас ќе се тестира, а не јас или Петровска“, вели Чулев.

    Тој во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК повторува дека не само што со келнерите од другото бифе немал контакт ниту тој, ниту некој што бил на состанок кај него, туку немал контакт ни со советникот Исмаили.

    „Ќе кажам по којзнае кој пат, последен пат со мојот советник се видов на 24 мај. На 2 јуни тој присуствуваше на состанокот на комисијата за хеликоптерската несреќа кај Петровец, но не знаел дека е позитивен на коронавирусот. Не бил тестиран тогаш. На 6 јуни го дознал позитивниот резултат“, вели Чулев.

    Келнерите од бифето влегувале во сите канцеларии во зградата во која има околу 200 вработени, носеле кафе, сок, вода.

    „Ние се организираме сами да се тестираме, зашто никој од раководството на МВР не реагира. Раководството не повика на самоизолација, а сите сме биле во непосреден контакт со вработените од бифето барем по еднаш дневно секој ден“, ни изјавија утринава вработени во МВР со кои разговаравме, со канцеларии во министерската зграда.

    Бифето било веднаш до советникот Исмаили, па вработените во зградата претпоставуваат дека од него се заразиле, додека тој се уште не знаел дека е позитивен на КОВИД-19.

    Од Министерството за внатрешни работи велат дека ги преземаат сите неопходни мерки за заштита на вработените.

    „Од страна на стручните служби во МВР е остварен контакт со епидемиолози и во тек е преземање на понатамошни мерки. Дополнително, утрово од страна на министерот Чулев и дополнителниот заменик на министерот Петровска е остварен контакт со претседателот на Комисијата за заразни болести Караџовски и со министерот за здравство Филипче при што е побарано најитно да се направи епидемиолошка анкета на вработените“, одговорија од МВР на прашање на САКАМДАКАЖАМ.МК за тројцата заразени во централата на министерството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира