ФИЛИПЧЕ ПРАВИ ПРОЦЕНКА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ, ОТКАКО ДУИ ГИ ЗАКОЧИ РЕФОРМИТЕ ЗА ДА ГИ СПАСИ СВОИТЕ КАДРИ

    ФИЛИПЧЕ ПРАВИ ПРОЦЕНКА ЗА УКИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ, ОТКАКО ДУИ ГИ ЗАКОЧИ РЕФОРМИТЕ ЗА ДА ГИ СПАСИ СВОИТЕ КАДРИСо овие реформи ќе бидат засегнати седум организациски или економски директори на клиниките и институтите, кои доаѓаат од редовите на ДУИ, а кои на овие позиции се именувани во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во која ДУИ исто така беше коалициски партнер - министерот Венко Филипче - (Фото: Влада на РМ)

    Министерството за здравство допрва прави проценка за укинување на економските директори во јавните здравствени установи, откако ДУИ минатиот месец ги закочи здравствените реформи најавени уште лани, со кои требаше да се укинат двојните директори на клиниките.

    Со овие реформи ќе бидат засегнати седум организациски или економски директори на клиниките и институтите, кои доаѓаат од редовите на ДУИ, а кои на овие позиции се именувани во време на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, во која ДУИ исто така беше коалициски партнер. Тие лани летото, кога беше најавена оваа реформа во здравството, не беа разрешени од позиците в.д. организациски директор. Покрај нив неразрешени се и осум економски директори назначени по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, на кои во август 2016 година им се дадени решенија за организациски директори со мандатот до август 2020 година.

    „Министерството за здравство во Законот за здравствена заштита ги разгледува можностите за измена и проценка за укинување на позицијата организациски директор во јавните здравствени установи. Во моментов, во тек е постапка за изменување и дополнувањата на Законот за здравствена заштита“, велат од Министерството за здравство.

    ДУИ ГИ КОЧИ РЕФОРМИТЕ ВО ЗДРАВСТВОТО, ОТИ НИВНИТЕ КАДРИ ЌЕ ОСТАНАТ БЕЗ РАБОТА ПО УКИНУВАЊЕ НА ЕКОНОМСКИТЕ ДИРЕКТОРИ ОД КЛИНИКИТЕ

    Оваа реформа, заедно со укинување на плаќањето на докторите по учинок и бришењето на временската рамка за превземање специјалисти од приватно во јавно здравство, која заврши во декември 2016 година, требаше да се реализираат преку помали измени на Законот за здравствена заштита.

    Министерството за здравство ги подготви овие законски измени и минатиот месец беа ставени на дневен ред на 67 седница на Владата како 38 точка од дневниот ред. Во текот на седницата точката беше повлечена од дневен ред. Тогаш од Владата немаше официјално објаснување зошто се повлечени измените на Законот за здравствена заштита, а нема ниту сега. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски кажа дека точката од дневен ред е симната на барање на Министерството за здравство, кое е предлагач на законските измени и дали и кога повторно ќе бидат ставени на владина седница зависи од ресорното Министерство.

    Неофицијално, законските измени биле повлечени на инсистирање на ДУИ. Извори од Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека ДУИ се противи на овие законски измени, бидејќи економските директори на клиниките од нивните редови ќе останат без работа и ја кочи реформата додека не им се најдат други убави работни места. Неофицијално, најгласно се противел вицепремиерот Бујар Османи, кој од јули 2008 до јули 2011 година беше министер за здравство во Владата на Никола Груевски. Тој условувал законот да се донесе дури откако ќе им се најде место на кадрите на ДУИ. Премиерот Зоран Заев, зафатен со договорот со Грција го тргнал ова прашање на страна за да не прави непотребни тензии со ДУИ.

    Според информациите од Министерството за здравство во 15 јавни здравствени установи сѐ уште има организациски или економски директори. Во 14 јавни здравствени установи има по двајца директори, бидејќи во Институтот за медицина на трудот има само економски директор, односно таму не е назначен медицински директор.

    Лани летото по доаѓањето на новата Влада нови медицински директори добија скоро сите здравствени установи. Вторите или организациските директори кои ги воведе ВМРО-ДПМНЕ, според најавите од поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, требаше целосно да се укинат. Дел од организациските директори, на кои им беше истечен мандатот, Таравари ги разреши, а на нивно место не именуваше нови. Но, во 15 јавни здравствени установи економските директори останаа неразрешени.

    Во Здравствен дом Скопје, Институтот за трансфузиона медицина, Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле, Институтот за медицина на трудот, Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, Клиниката за ревматологија и на Клиниката за детски болести, не беа разрешени организациските директори, кои се од редовите на ДУИ, а се на позиција вршители на должност.

    Неразрешени останаа и вторите директори од Институтот за радиологија, од клиниките: Ендокринологија, Хематологија, Дерматологија, Детска хирургија, Психијатрија, Кардиологија и Инфективна клиника. Овие економски директори се именувани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со мандат до август 2020 година.

    Таравари укинувањето на двојните директори го објасни со потребата од рационално трошење во здравството, бидејќи клиниките се со долгови од над 50.000 евра, а за плати на овие директори се издвојувале суми од 1.000 до 1.500 евра. Тој тогаш кажа дека парите што одат за плати и придонеси на економските директори, ќе ги искористат за да ги наградат најуспешните доктори.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира