Преполни канти и контејнери и насекаде расфрлани отпадоци, повторно може да се видат на скопскиот Клинички центар. Ова се случува само десетина дена по чистењето на Клинички, во кој се вклучија и екипи од ЈП „Комунална Хигиена“.
Министерот за здравство Венко Филипче денес кажа дека проблемот со ѓубрето на Клиничкиот центар настанал претходно кога ингеренциите од Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники, биле префрлени на Министерството и дека сега преговараат со ЈП„Комунална хигиена“ да го преземе чистењето на Клинички.
„Сега правниците работат на правната рамка за да може чистењето да го преземе ‘Комунална хигиена’ и сигурен сум дека во скоро време ќе најдеме решение“, кажа Филипче.
Тој рече дека веќе нема да распишуваат тендери за избор на приватни фирми и дека парите може да одат во јавните претпријатија.
Од Град Скопје велат дека нивните јавни претпријатија ќе помагаат во чистењето на ѓубрето, но Клиничкиот центар е надлежен и здравствените власти треба да си го решат проблемот.
„Тое е реален проблем, ние од време на време имавме акции, чистевме иако тоа не е наша обврска. Имавме разговори со министерот за здравство и директорот на заеднички служби. Таму треба да се чисти секој ден, ние може да имаме акција еднаш неделно, но тоа не е наша обврска. Цели 6 месеци откако сум дојден на оваа позиција ние имаме акции, но тие треба да си го најдат решението. Имаме и друг проблем , Клинички ни должи 30 милиони денари, но ние и покрај тоа пак интервенираме“, вели диркторот на ЈП„Комунална хигиена“ Абдусамет Шабани.
Пред десетина дена министерот Филипче кажа дека ингеренциите за чистење на Клиничкиот центар се предадени на Јавната установа од областа на здравството за потребите на скопските клиники и дека тендерот што го распиша претходно Министерството за здравство за да се избере фирма е поништен, а Јавната установа треба да распише нов.
Директорката на ЈП од областа на здравството за потребите на скопските клиники Шкодране Дардишта тогаш кажа дека во тек е подготовка на тендер за избор на фирма која ќе го чисти клинички, а во меѓувреме дека постојано ќе има акции за чистење на сметот.
Таа денес не одговараше на телефонските повици да каже зошто уште не е распишан тендерот за чистење на Клиничкиот центар.
Откако пред неколку дена холандски средношколци чистеа околу Детската клинија, денеска и дел од глумците на социјалните мрежи се организираат за да го чистат Клиничкиот центар. Тие најавија дека акцијата ќе ја почнат утре во 10 часот.
Е. БОЧВАРОСКА