ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РУСКОВСКА И ОБВИНИТЕЛКИТЕ, ДИРЕКТОРОТ МУАРЕМИ НЕ ОТКРИВА ЗА КОЕ ДЕЛО

    ФИНАНСИСКАТА ПОЛИЦИЈА СО КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА РУСКОВСКА И ОБВИНИТЕЛКИТЕ, ДИРЕКТОРОТ МУАРЕМИ НЕ ОТКРИВА ЗА КОЕ ДЕЛООбвинителството вели дека во оваа фаза не може да споделува детали.(Фото:СДК.МК)

    Управата за финансиска полиција денеска поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје во врска со претресот што го изврши обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, преку обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска.

    Обвинителството вели дека пријавата ќе биде распоредена кај надлежен јавен обвинител и дека во оваа фаза не може да споделува детали.

    Обвинителките влегоа во претрес на Финансиската полиција на 18 јули, по анонимни пријави од граѓани, по кои  Русковска обезбедила судска наредба за претрес. Директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми веднаш кажа дека претресот бил незаконски, па ја пријави Русковска кај државниот обвинител Љубомир Јовески.

    По неколкудневно собирање факти, тој кажа дека Русковска му дала лажни информации на судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ. По ова Муареми му поднесе барање за одговорност и нему, до Судскиот совет. Русковска кажа дека директорот можел да се жали на претресот пред кривичен совет во Основниот кривичен суд Скопје, каде што работи Реџепагиќ, но тврди дека жалба тој не поднел.

    Здружението на јавни обвинители самоиницијативно го разгледа случајот и ја прекори Русковска затоа што таа  јавно се пожали на невидени притисоци во предистрагата што е почната во Финансиската полиција, поради кои на помош ги повика ЕУ и амбасадата на САД. Тие упатија институциите да го решат проблемот, но жалба на претресот за кој издал наредба судијата, како што тврди Русковска, нема.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира