ФИРМИТЕ КОИ ЗЕМАЛЕ ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА, А НЕ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТА, ЗА КАЗНА ЌЕ БИДАТ ЈАВНО ОБЈАВЕНИ

    ФИРМИТЕ КОИ ЗЕМАЛЕ ПОМОШ ОД ДРЖАВАТА, А НЕ ИСПЛАТИЛЕ ПЛАТА, ЗА КАЗНА ЌЕ БИДАТ ЈАВНО ОБЈАВЕНИДиректорката на УЈП Сања Лукаревска гласа на предвремените парламентарни избори на 15 јули. (Фото: Фејсбук)

    Управата за јавни приходи ќе ги испрати податоците за компаниите кои примиле финансиска поддршка од државата, а не ја исполниле обврската за исплата на плати до Генералниот секретаријат на Владата како носител на мерката и исплатувач на финансиската поддршка, од каде истите ќе може да бидат и јавно објавени, кажа директорката на УЈП Сања Лукаревска на денешната прес-конференција. Таа апелираше до фирмите да ги испочитуваат обврските утврдени со владината уредба за справување со кризата предизвикана од КОВИД-19 и да им ги исплатат платите на своите вработени.

    „Апелирам до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени“, изјави Лукаревска.

    Таа кажа дека станува збор за 281 работодавач во април кои примиле поддршка во износ од 9.995.565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен и во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13.698.998 денари. Од УЈП утврдиле дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца. Најмногу од фирмите се од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга и Куманово.

    Лукаревска рече дека на работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата. Дополнително, кажа таа, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира