ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО РАБОТИ НА НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ ОД ЗЛОУПОТРЕБА, ПО НАЈАВАТА ОД ЗАЕВ ДЕКА ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ ИМА ЛЕКОВИ БЕЗ КВОТИ

    ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВО РАБОТИ НА НАМАЛУВАЊЕ НА РИЗИКОТ ОД ЗЛОУПОТРЕБА, ПО НАЈАВАТА ОД ЗАЕВ ДЕКА ОД СЕПТЕМВРИ ЌЕ ИМА ЛЕКОВИ БЕЗ КВОТИНа пратенички прашања во Собранието минатата недела, Заев откри дека има сериозни индиции за злоупотреби со позитивната листа на лекови и издавањето рецепти. - Даниел Дончев (Фото: СДК.МК)

    Фондот за здравствено осигурување работи на намалување на ризикот од можни злоупотреби и нерационално користење на лековите, откако денес премиерот Зоран Заев најави дека имаат план од септември лековите да бидат без квоти.

    Директорот на Фондот за здравствено осигурување Даниел Дончев рече дека работат на дополнителни процеси, апликации и механизми за намалување на нерационалното препишување на лековите. Според него така ќе овозможат да има лек на рецепт до крајот на месецот, а не како досега кога по одреден период по трошење на квотите дел од аптеките остануваа без лекови.

    „Системот на квоти или буџети повеќе од 10 години го крати законското право на граѓаните да ги добијат лековите за кои плаќа Фондот за здравствено осигурување, бидејќи е признавање дека се можни злоупотреби, а пак со него имаше горна граница на трошење на средствата на Фондот“, вели Даниел Дончев, директор на Фондот за здравствено осигурување.

    Премиерот Зоран Заев денес на пуштање во употреба на новиот ургентен центар во Куманово рече во септември комплетно ќе ги пуштат лековите без квоти, за да обезбедат лекови за граѓаните.

    На пратенички прашања во Собранието минатата недела, Заев рече дека има сериозни индиции за злоупотреби со позитивната листа на лекови и издавањето рецепти.

    „Јас никого не обвинив, но постојат сериозни индиции дека се злоупотребува делот на позитивната листа за лекови, издавањето на рецептите, бидејќи генерално во буџетот секоја година се повеќе растат парите за лекови на позитивната листа, а наталитетот во државата останува ист, дури во еден дел се намалува заради миграцијата надвор од државата. Сето тоа дава сериозни индиции дека некаде се случуваат незаконски дејствија. Пораката од мене како премиер е дека криминалот значи затвор, значи одговорност. Секој кој ќе се огреши треба да си прифати одговорност. Не обвинуваме никого, тоа може само истрагата да го утврди, ако има докази. Целта нѝ е да се испрати порака да не си играме со парите на граѓаните“, кажа Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира