ФОРЕНЗИКАТА ГИ ПОТВРДИ БОМБИТЕ, МАТЕРИЈАЛИТЕ ГИ ПРИМИ ВЕРУШЕВСКИ, РЕЧЕ ЗАЕВ

    ФОРЕНЗИКАТА ГИ ПОТВРДИ БОМБИТЕ, МАТЕРИЈАЛИТЕ ГИ ПРИМИ ВЕРУШЕВСКИ, РЕЧЕ ЗАЕВНиту еден од обвинетите во кој било од случаите на СЈО не ги оспорува материјалите или нивната автентичност, рече Заев. (Фото: МИА)

    Зоран Верушевски е мој советник, разговарав со него, ми објасни и затоа реков дека на второто рочиште некои работи ќе бидат појасни, рече премиерот Зоран Зав, одговарајќи на новинарско прашање како знае што ќе каже на следното рочиште ексразузнавачот Верушевски, кој е четвртиот сведок во случајот на СЈО „Тврдина-Таргет“ за масовното нелегално прислушување. Тој на рочиштето на 23 септември ја негираше неговата вклученост во преземањето на бомбите од  разузнавачите од УБК Ѓорѓи Лазаревски и Ѕвонко Костовски, и тврдеше дека не нему, туку бомбите тие ги давале во СДСМ, а тој само ги обработувал.

    „Тоа е мојот советник за национална безбедност, нормално дека кога и вие прочитавте за неговиот исказ, прочитав и јас. Јас сум во комуникација со сите мои советници и затоа реков дека веројатно на второто рочиште, во очекување со новите прашања,  ќе бидат многу појасни неговите ставови по одредени прашања“, рече Заев.

    Заев рече дека и тој е дел од тој период и дека материјалите биле предадени на Верушевски, како што рекле и Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски.

    „Тие се правно-формално дадени на СДСМ, а ги прима Верушевски. Во тоа време станав и претседател на СДСМ. Веројатно, разочараноста што некој го злоупотребувал СЈО во делот на случајот ‘Рекет, се појавува ‘Ел чека’, се појавува не знам што, тој го кажува делот на модифицираноста или компромитираноста на материјалите. Ниту еден од обвинетите во кој било од случаите на СЈО не ги оспорува материјалите или нивната автентичност. И форензиката ги потврди. Да оставиме процесите да си течат, сведоците си сведочат, обвинетите си даваат своја одбрана, обвинителствата соодветно си настапуваат во своите истраги. На крајот останува убавината на слободата. Сè се знае во јавноста, за сè се дебатира во јавноста и на крајот најголемиот суд е нашата јавност“, рече Заев.

    На прашањето дали ќе има нова лидерска средба за законот за Јавно обвинителство, тој рече дека ако работните групи постигнат напредок спремен е на лидерска средба со Христијан Мицковски.

    „Дадов изјава и од Њујорк кога бевме дека ако има потреба или ако разговорите во работните групи стигнат до такво ниво, јас сум спремен да седнеме на лидерска средба. Напоменувам замјите членки, особено оние кои имаат фокус на предметите на СЈО, сметаат дека е добро што е гарантирана иднината на предметите на самата институција. Важно е да се донесе закон со консензус од сите владејачки и опозициони партии, за да можеме да ја гарантираме таа иднина на самите предмети. Подобро е да има иднина на самите предмети, отколку преку закон таа да се дерогира, затоа вака се поставени самите линии. Испраќам порака до луѓето во преговорите да најдат начин и јас сум спремен да седнеме и тоа да го потврдиме“, рече Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира