Обвинителот Гаврил Бубевски од СЈО поднесе кривична пријава против адвокатот Мефаиљ Арслани, кој го застапува обвинетиот Ејуп Алими од ДУИ на предметот „Титаник 3“ за кривично дело Загрозување на сигурноста кон службени лица.
Во кривичната пријава, Бубевски вели дека ако се докаже кривичното дело на адвокатот и особено ако се докаже дека зад тоа стои неговиот клиент Алими, координатор на пратеничката група на ДУИ, се приклучува и кон кривичен прогон на обвинетиот Алими.
„Во тој контекст предлагам да се прибават листинзи од телефонските оператотори од контактите на пријавениот со лица и листинзи за негова интернет комуникација“, вели Бубевски во пријавата.
Во описот на кривичната пријава, Бубевски навел дека настанот се случил на 10 ноември 2018 година на паркингот кај ТЦ „Мавровка“ во моментот додека сведокот Артене Исеини го управувала сопственото возило во кое совозач била сведокот Фатиме Фетаи, која заедно со Бубевски го застапува обвинението против Ејуп Алими за изборни нерегуларности. Тие барале место на паркингот, кога го здогледале Арслани, по што Исеини го отворила прозорецот и му кажала: „Добар ден Мефо, што правиш, како си?“.
- ФЕТАИ ЌЕ ГО ТУЖИ АДВОКАТОТ АРСЛАНИ ЗА КЛЕВЕТА, НЕЈЗИНИОТ КОЛЕГА ОД СЈО БУБЕВСКИ ЌЕ ГИ ПРИЈАВИ ЗАКАНИТЕ ВО СКОПСКОТО ОБВИНИТЕЛСТВО
- НИТУ ЈАС, НИТУ МОЈОТ КЛИЕНТ СМЕ МУ СЕ ЗАКАНУВАЛЕ НА ОБВИНИТЕЛОТ БУБЕВСКИ, ВЕЛИ АДВОКАТОТ НА ЕЈУП АЛИМИ И БАРА ИЗВИНУВАЊЕ ОД ФАТИМЕ ФЕТАИ
- ОБВИНЕТИТЕ АЛИМИ И ГУРИ ОД ДУИ СЕ ЗАКАНУВАЛЕ ДЕКА ЌЕ МУ ЈА РАСПЛАЧАТ ФАМИЛИЈАТА НА КАУРОТ БУБЕВСКИ ОД СЈО, ПРЕНЕСЕ ФЕТАИ ШТО Ѝ КАЖАЛ НИВНИОТ АДВОКАТ НА „ТИТАНИК 3“
Овој агресивно и на висок тон, како што се наведува во пријавата, им рекол: „А бе еве не знаеме што да ѝ правиме на оваа пошто е наша“ покажувајќи кон Фатиме, а потоа продолжил: „А на тој каурот матер ќе му расплачеме, фамилија ќе му ебеме“.
Заканите, според сведоците Фетаи и Исеини биле упатени кон оштетениот Гаврил Бубевски како обвинител, кој постапува заедно со Фетаи во „Титаник 3“. Бубевски приложува во пријавата и записник од главна расправа од судењето на 30 октомври 2018 година, изјави на сведоците Фетаи и Исеини, но и искази на сведоци во „Титаник 3“, дадени во истрагата пред специјалната обвинителка Катица Јанева со кои ѝ кажале дека се плашат за нивните животи поради што, појаснува Бубевски, беше и побаран притвор за Ејуп Алими по тој основ.
Во пријавата, на скопскиот обвинител Бубевски му кажува дека „ова е уште еден доказ за личноста на Ејуп Алими и сериозноста на намерите на неговиот бранител, имајќи предвид дека заканите се кажани во множина и укажува на вмешаност и на обвинетиот Ејуп Алими“.
Бубевски наведува дека очекува задоволување на правдата и покрај тоа што „Ејуп Алими се однесува како недопирлив за правдата“.
Тој го споменува и сведокот Р.Б., која судот инсистира да биде донесена да сведочи во „Титаник 3“, а за која вели дека во својот исказ навела дека е исплашена да сведочи пред обвинетите Алими и Исмет Гури затоа што се плаши за својата и за безбедноста на својот татко. Истото, му кажува Бубевски на скопското ОЈО, го потврдил и сведокот Ќ.Т.
С. К. ДЕЛЕВСКА